Славниот актер откри дека му остануваат уште околу пет години живот: „Одлучив да живеам со болеста, а не да умирам од неа“

Точка

06/09/2026

15:34

1.539

Големина на фонт

а а а

Американскиот актер Брус Кемпбел, најпознат по улогата на Еш Вилијамс во култниот хорор-серијал „Evil Dead“, отворено проговори за борбата со ракот и откри дека лекарите му прогнозираат уште приближно пет години живот.

Кемпбел (68) претходно годинава објави дека му била дијагностицирана форма на рак која, како што тогаш рече, може да се лекува, но не и целосно да се излекува. Сепак, дури сега откри колку е сериозна неговата дијагноза.

Говорејќи во поткастот „The Adam Carolla Show“, актерот изјави дека неговата моментална прогноза е околу пет години, нагласувајќи дека станува збор за приближна проценка.

„Во моментов станува збор за пет години“, изјави Кемпбел, по што водителот го праша дали тоа значи дека му остануваат уште пет години живот.

„Приближно“, одговори актерот.

Кемпбел притоа не сакал да открие од кој точно вид рак боледува. Тој изјави дека не сака целосно да се посвети на разговорите за болеста и на потрагата по информации што дополнително би му го окупирале животот.

„Одлучив, сосема конкретно, да живеам со тоа, а не да умирам од тоа“, порача тој.


И покрај тешката прогноза, Кемпбел не планира да се откаже од работата. Напротив, моментално е фокусиран на филмот „Ernie & Emma“, кој го напишал, режирал и продуцирал, а во кој и глуми.

Актерот претходно изјави дека морал да приспособи дел од своите професионални обврски за да му се посвети на лекувањето, но не сака да дозволи дијагнозата целосно да му го промени начинот на живот.

„Не мора да престанете со сè што правите само затоа што ја имате оваа болест“, порача Кемпбел, нагласувајќи дека сака да продолжи да создава.