[ФОТО] Скандал во Формула 1: Претставија „ретро“ дизајн на болид од времето кога го спонзорирал Бин Ладен

Точка

12/09/2026

12:19

426

Големина на фонт

а а а

Идејата требаше да биде само оддавање почит на славното минато на Вилијамс и враќањето на Формула 1 во Мадрид. Меѓутоа, првото појавување на специјалниот болид на патеката се совпадна со 25-годишнината од нападите на 11 септември, а дел од навивачите веднаш пронајдоа непријатна поврзаност со спонзорите на Вилијамс од тој период.

Приказната набрзо прерасна во една од главните теми на првиот ден од тркачкиот викенд за Големата награда на Шпанија.

Вилијамс за Големата награда на Шпанија во Мадрид подготви специјален дизајн на болидот за еднократна употреба, во бела, зелена и темносина боја.

Станува збор за оддавање почит на „FW07C“ од 1981 година, болидот што тогаш го возеле Алан Џонс и Карлос Ројтеман и со кој Вилијамс ја освои титулата во шампионатот на конструктори. Тоа воедно била и последната сезона во која Формула 1 се возела во Мадрид, тогаш на патеката „Харама“.

Дизајнот на болидот официјално бил претставен уште на 8 септември на настан во Мадрид, но Карлос Саинц и Алекс Албон за првпат излегоа со него на патеката за време на тренингот на 11 септември. Токму тој датум предизвика проблем.

Навивачите пронајдоа непријатна историска поврзаност

На социјалните мрежи набрзо почнаа да се шират фотографии од болидите на Вилијамс од крајот на 1970-тите години. Тимот во тој период имал голема финансиска поддршка од Саудиска Арабија, а меѓу бројните компании чии имиња се наоѓале на болидите била и „Бин Ладен“, градежна и инфраструктурна компанија на семејството од кое потекнува Осама бин Ладен.

Притоа, важна е разликата што не била јасно истакната во дел од првичните реакции. Самиот „FW07C“ од 1981 година, врз кој е заснован денешниот ретро дизајн, не го носел натписот „Бин Ладен“. Името на таа компанија се појавувало на болидите на Вилијамс неколку години претходно, вклучително и во 1979 година. Затоа, денешниот дизајн не е реплика на болидот со натписот „Бин Ладен“ туку ја користи карактеристичната комбинација на бои од истата саудиска ера на Вилијамс.

Токму поради тоа, контроверзијата пред сè е поврзана со симболиката и тајмингот, а не со тоа дека Вилијамс на денешниот болид поставил каков било знак или име поврзано со семејството бин Ладен.

Бакстон: Тајмингот не беше најдобар

На случајот реагирал и познатиот новинар и коментатор на Формула 1, Вил Бакстон, кој истакнал дека му се допаѓа ретро дизајнот, но смета дека Вилијамс не го избрал најдобриот момент за негово користење.

„Не сум сигурен дека ова беше најдобриот момент. Колку што знам, мислам дека Осама во тоа време веќе бил отфрлен од семејството бин Ладен, но сепак ова не беше добар тајминг“, изјавил Бакстон.

Бакстон потсетил на историската поврзаност на Вилијамс со компанијата на семејството бин Ладен и истакнал колку 11 септември, дури и четврт век по нападите е чувствителен датум.

Во терористичките напади на 11 септември 2001 година во Соединетите Американски Држави загинаа речиси 3.000 луѓе. Нападите ги изврши Ал Каеда под водство на Осама бин Ладен.

Вилијамс имал сосема поинаква намера

Од Вилијамс при претставувањето на дизајнот не ги споменаа саудиските спонзори ниту каква било поврзаност со семејството бин Ладен. Нивната намера била да го поврзат враќањето на Формула 1 во Мадрид со сезоната во 1981 година, кога тимот ја освоил титулата во шампионатот за конструктори.

Од Вилијамс објаснија дека белата, зелената и темносината боја претставуваат директно оддавање почит на „FW07C“ и на луѓето кои во тоа време работеле во тимот. Во промотивната кампања го вклучиле дури и Боб Паксман, механичар кој работел за Вилијамс во 1981 година.


Но, фактот дека првиот ден од возењето во ретро боите се совпадна токму со 11 септември отвори историска тема што тимот очигледно не ја очекувал. Наместо да се зборува исклучиво за враќањето на Формула 1 во Мадрид и за шампионскиот Вилијамс од 1981 година, дел од вниманието беше насочено кон спонзорските врски стари речиси половина век.