[ВИДЕО] Тренчевска: Стоилковиќ не е достоен да биде министер, дали ќе се извини и ќе поднесе оставка за навредите кон пратениците и граѓаните

Макфакс

11/09/2026

15:50

130

Големина на фонт

а а а

Пратеничката Јована Тренчевска го критикуваше министерот Иван Стоилковиќ за неговото неодговорно однесување и навреди кон пратениците и граѓаните, барајќи дали ќе се извини и дали ќе поднесе оставка. Таа исто така го поврза влијанието на Стоилковиќ со политичкиот проект „српски свет“ и го осуди молкот на премиерот Мицкоски по однос на ставовите поврзани со воени злосторства.

Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница за пратенички прашања од опозицијата, во отсуство на министерот Иван Стоилковиќ, побара писмен одговор дали Стоилковиќ ќе им се извини на пратениците и граѓаните за пцуењето, навредите и обидот за физичка пресметка во Собранието и дали ќе поднесе оставка. Тренчевска порача дека ваквото однесување е недостојно за еден пратеник и министер и дека Стоилковиќ не може да биде над одговорноста само затоа што ја ужива заштитата од премиерот Христијан Мицкоски.

Во обраќањето, Тренчевска посочи дека со месеци граѓаните се сведоци на навредливиот речник на Мицкоски, при што се создава атмосфера во која и неговите соработници се охрабрени на ист начин да се однесуваат кон граѓаните и нивните избрани претставници.

„Талог“, „мекотели“, „коленичари“, „глодари“, „медиокритети“… Тоа не се обични политички изјави. Тоа е презир кон сопствените граѓани од највисоката државна позиција“, рече Тренчевска.

Тренчевска нагласи дека кулминација на ваквото однесување е пцуењето на пратениците и обидот за физичка пресметка во Собранието од страна на министерот Иван Стоилковиќ.

„Тоа не е сила, туку ароганција и презир кон граѓаните, затоа што пратениците се директни претставници на граѓаните“, рече Тренчевска.

Во пратеничкото прашање, Тренчевска посочи дека, и покрај ваквото однесување, Стоилковиќ никогаш не се има извинето, а наместо одговорност доби нова министерска функција по реконструкцијата на Владата.

„Ова самоволие на Стоилковиќ, оваа негова заштита што ја добива, го отвора прашањето зошто? Што точно Стоилковиќ ѝ носи на Владата на Христијан Мицкоски, освен личната блискост со Српската напредна странка и Александар Вучиќ?“, рече Тренчевска.

Притоа, Тренчевска, потенцираше дека Стоилковиќ нема политичка тежина ниту во Собранието ниту во Владата, туку неговата улога е поврзана со одржување директен канал со власта во Србија.

„Неговата вредност за ВМРО се сведува на улогата на офицер за врска со Владата на СНС. Стоилковиќ обезбедува директен канал за комуникација, влијание и пристап до информации внатре во извршната власт на Македонија – токму она што одговара на интересите на „српскиот свет“ и регионалната политика на СНС“, рече Тренчевска.

Таа прецизираше дека критиката на политичкиот проект наречен „српски свет“ не е критика кон српскиот народ, туку кон политичкото влијание на Вучиќ и СНС во Македонија.

„Кога зборуваме за „српскиот свет“ во Македонија, не зборуваме за српскиот народ. Зборуваме за политички проект на Александар Вучиќ и неговата СНС, сестринската партија на ВМРО, кој преку свои кадри и медиуми се обидува да ја прошири својата контрола. Тоа е термин од Европскиот парламент“, рече Тренчевска.

Воедно, Тренчевска, рече дека поставувањето на Стоилковиќ на министерска функција не е случајно, туку претставува начин влијанието на Вучиќ да остане присутно во институциите на државата.

„Поставувањето на Стоилковиќ на министерска позиција не е случајно. Тоа е гаранција дека влијанието на Вучиќ ќе остане институционализирано во Владата. Мицкоски, наместо да им служи на граѓаните на Македонија, со ваков кабинет продолжува да им служи на интересите на трети страни“, рече Тренчевска.

Таа го прозва Мицкоски и за молкот по ставовите на Стоилковиќ во врска со осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.

„Бришењето на објавата од профилот на социјалните мрежи не значи бришење на став. Јасно е дека човекот поддржува геноцид. И тоа е нешто што Мицкоски не може да го избрише. Бришењето на објава не може да ја избрише историјата и не може да ја избрише пресудата за воени злосторства на осудениот Младиќ“, рече Тренчевска.

Тренчевска порача дека однесувањето на Стоилковиќ и неговата заштита од страна на Мицкоски отвораат сериозно прашање за чии интереси се води политиката на Владата.

„Знаевме дека Младиќ е генерал на Вучиќ. Сега знаеме дека е и на Мицкоски“, рече Тренчевска.

Нагласи дека навредите, поделбите и ширењето омраза се дел од поширока политичка матрица.

„Тоа е екипата на Стоилковиќ. Тоа е екипата на Мицкоски, а сите заедно се екипата на Вучиќ. Со Мицкоски Македонија стана заложник на туѓи интереси на Балканот. Моето прашање требаше да му биде поставено директно на Иван Стоилковиќ. Меѓутоа денес го нема и побегна од седницата, ќе го поставам писмено: Дали ќе им се извини на пратениците и на граѓаните за пцуењето, навредите и обидот за физичка пресметка во Собранието и дали ќе поднесе оставка, затоа што ваков како што е, е недостоен за Собранието и да биде министер во една влада?“, рече Тренчевска