НАТО ветерани ги обучувале војниците на Путин: Еден од камповите наводно бил во Србија, протекуваат детали

Точка

10/09/2026

21:09

170

Големина на фонт

а а а

Поранешни припадници на британските специјални сили САС наводно обучувале руски борци во кампови во Европа поврзани со Москва, објави британски „Телеграф“.

Според документот, специјалци од Велика Британија, која е членка на НАТО, биле регрутирани за да обучуваат руски државјани, меѓу кои и активни војници, во борбени вештини.

Копија од документот била составена за австралиската разузнавачка служба и споделена со партнерите од сојузот „Пет очи“ (Five Eyes). Документот се темели на разговори со поранешни припадници на австралиските специјални сили и активни резервисти.


Тројца од нив тврдат дека биле контактирани со понуда да станат инструктори во борбени кампови во Бугарија и Србија, кои, според нивните зборови, примале руски клиенти.

Еден од камповите го води компанијата за воена обука „Алфа-Метал“ во северниот дел на Бугарија. На својата веб-страница нуди курсеви за специјални сили и напредна снајперска обука, по цена од околу 4.000 евра по лице. Целна група се кандидати за приватни воени компании, телохранители и тимови за корпоративно обезбедување.

Во разузнавачката белешка се тврди дека европските кампови и по руската инвазија врз Украина во 2022 година продолжиле да примаат руски државјани и дека курсевите вклучувале интензивна обука за борба одблизу.


Ветераните на специјалните сили со кои било разговарано за потребите на проценката изјавиле дека сегашни вработени им кажале оти Руси сè уште се обучувале во кампот и во 2025 година.

Обвинувањата доаѓаат во момент кога Русија се соочува со сериозен недостиг на воен персонал. Западните претставници проценуваат дека Москва претрпела околу 1,4 милиони загуби, вклучувајќи до 500.000 загинати, како и дека месечно губи околу 6.000 војници повеќе отколку што успева да регрутира.

На веб-страницата на „Алфа-Метал“ била објавена фотографија од логото на САС на промотивната страница посветена на инструкторите. Пред шест месеци компанијата на ЛинкдИн објавила оглас во кој барала британски државјанин со „силно оперативно искуство и докажано искуство во обучување“. Во огласот било наведено дека бараат искусен инструктор од САС.


На страницата со инструктори наводно се појавува и американски ветеран кој тврди дека 12 години служел во американската Команда за специјални операции, дека е експерт за борба против тероризмот и дека поминал ренџерска обука, падобранска школа, како и курсеви за извидување на големи растојанија и извидувачко пливање. „Телеграф“ не го откри неговото име.

„Алфа-Метал“ категорично ги отфрла обвинувањата. Компанијата за „Телеграф“ изјави дека никогаш не вработувала ветерани на САС и дека од почетокот на инвазијата не обучила ниту еден руски државјанин. Портпаролот ги нарече тврдењата лажни и негираше каква било поврзаност со британските специјални сили.

„Алфа-Метал категорично го отфрла обвинувањето дека сме користеле или користиме поранешни припадници на британскиот САС или на други западни специјални сили за обука на руски државјани или лица кои имаат намера да учествуваат во војната во Украина на руска страна. Тоа обвинување е лажно“, порача тој.


Компанијата „Алфа Регион“ од Санкт Петербург на својата веб-страница го рекламира кампот во Бугарија и споменува инструктори со искуство во специјалните и полициските единици на Бугарија, САД, Русија, Грција, Израел и Украина.

„Алфа-Метал“ првично негираше дека постои поврзаност, а потоа призна дека имала „професионални контакти во минатото“ со „Алфа Регион“. Портпаролот изјави дека компанијата започнала проверка на старите маркетиншки материјали откако ѝ било укажано на страница на која се споменува „партнерски договор“ меѓу двете компании.

Според извори, меморандумот е предмет на истрага на австралиската разузнавачка служба, а наодите најверојатно ќе бидат споделени со Велика Британија и САД.

Извори од САС остро ги оспоруваат овие тврдења. Еден висок извор изјави дека не знае за ветерани кои би обучувале Руси.


„САС е мала заедница и луѓето разговараат. Ако некој го прави тоа, би знаеле. Ако некој навистина го прави тоа, би бил исклучително изненаден и длабоко разочаран“, изјави тој.

Поранешниот штабен наредник на 22. САС, Фил Кампион, изјави дека би било неетички нивни луѓе да обучуваат војници кои на крајот би се бореле против нивните сили.

„Би морале да бидат целосно одметнати или да бидат водени од парите“, изјави тој.

Пензионираниот полковник на САС, Дејвид Вајт, изјави дека ветераните на специјалните сили одамна работат на „секундарниот пазар“ за воено советување, но дека полкот не би имал разбирање за некој кој би бил фатен како обучува Руси.

Британското Министерство за одбрана не ги коментираше прашањата поврзани со специјалните сили и разузнавањето, но порача дека постои законодавство против непријателски активности и дека Законот за национална безбедност им обезбедува на службите и полицијата алатки за откривање и спречување закани, пренесе „Сан“. 

Фото: Телеграф