Младата Евер Андерсон блесна на престижниот филмски фестивал, каде што го претстави новиот трилер, а сите присутни останаа воодушевени од нејзината убавина и неверојатната сличност со холивудската ѕвезда.
Не е тајна дека децата на познатите личности често тргнуваат по стапките на своите родители, но младата Андерсон докажува дека исклучителниот талент и харизмата можат директно да се наследат.
На Филмскиот фестивал во Венеција, оваа осумнаесетгодишна девојка била во центарот на вниманието додека гордо го претставувала својот најнов филмски проект „Father Joe“. Нејзиното појавување предизвика лавина реакции, а многумина забележале дека младата актерка по изглед неодоливо потсетува на својата мајка, славната актерка Мила Јовович, од периодот кога таа штотуку ја освојувала светската сцена.
Со препознатливите светли очи, полните усни и впечатливиот поглед, Евер во Венеција се појавила во неколку одлични модни комбинации кои дополнително ја истакнале нејзината самодоверба пред објективите.
Меѓутоа, младата актерка на фестивалот не се појавила само како наследничка на познато холивудско семејство, туку и како рамноправна ѕвезда на новото филмско остварување.
Филмот „Father Joe“, кој беше прикажан надвор од натпреварувачката програма на 83. издание на Филмскиот фестивал во Венеција и трае 106 минути, собра импресивна актерска и авторска екипа. Режијата на овој напнат акционен трилер ја потпишува Бартелеми Гросман, додека сценариото го напиша прославениот Лик Бесон.

Дејството на филмот е сместено во специфичниот и опасен амбиент на Мала Италија на Менхетен – свет оптоварен со криминал, во кој верата е ставена на голем тест. Главниот лик во приказната е свештеникот Џо, кого го толкува познатиот актер Кифер Сатерленд. Тој води тајна борба против градското подземје за да ги заштити најранливите, вклучувајќи ги и децата изложени на злоупотреба и трговија со дрога. Од другата страна се наоѓа моќен мафијашки бос, кого го игра актерската легенда Ал Пачино.

Во оваа сурова драма, Евер ја добила улогата на Фелисити, млада девојка која свештеникот успева да ја извлече од пеколот на зависноста, по што таа му се придружува во опасната мисија.
Зборувајќи за ликот што го толкува, Евер открила дека нејзиниот лик има длабока морална комплексност и дека не е прикажан едноставно, во црно-бели тонови. Како што истакнала во разговор за медиумите, Фелисити прави работи кои не се идеални, но ги прави со добра намера, свесна за своите постапки и без лажно претставување.

Оваа улога ја поттикнала осумнаесетгодишната актерка длабоко да размислува за сопствениот идентитет. Таа отворено признала дека сè уште истражува која е навистина и дека утеха ѝ дава сознанието дека повеќето луѓе минуваат низ истиот процес.
Покрај тоа, таа нагласила дека ваквите приказни нè потсетуваат на неопходноста од емпатија и меѓусебна поврзаност во денешно време, кога социјалните мрежи често ги затапуваат човечките чувства.
Иако има само 18 години, Евер зад себе веќе има богата и разновидна биографија. Своето актерско деби го остварила во филмот „Resident Evil: The Final Chapter“, во режија на нејзиниот татко Пол В. С. Андерсон, каде што ја толкувала помладата верзија на ликот што ја прослави нејзината мајка.

Потоа, публиката имаше можност да ја гледа во улогата на младата Наташа Романоф во хитот на Марвел „Black Widow“, како и во главната улога на Венди Дарлинг во филмот „Peter Pan & Wendy“.

Покрај успехот на филмското платно, Евер уште од раното детство се занимава и со манекенство. Своите први чекори пред камерите ги направила многу рано, а на само деветгодишна возраст ја красела насловната страница на престижното списание „Вог Бамбини“. Во текот на својата модна кариера соработувала со некои од најголемите имиња во индустријата, меѓу кои и славниот Карл Лагерфелд.
Имајќи предвид дека пораснала покрај мајка ѝ Мила Јовович и татко ѝ Пол В. С. Андерсон, уште од самиот почеток јавноста имала големи очекувања од Евер. Сепак, нејзиното појавување во Венеција јасно покажува дека младата актерка успешно гради сопствена кариера.

Физичката сличност со нејзината мајка е неспорна, но улогата покрај актерски великани како Ал Пачино и Кифер Сатерленд потврдува дека пред неа е голема и самостојна холивудска кариера.