[ВИДЕО] Вмровската ароганција кулминира – во Кисела Вода посегнаа да бркаат советник кога не им се допаѓа вистината, велат од Левица

Макфакс

10/09/2026

13:40

166

Големина на фонт

а а а

Во Советот на Општина Кисела Вода избувна контроверзија откако претседателката посегна по обезбедување за да отстрани советник од Левица за време на седница, што партијата го оценува како пример на владејачка ароганција, антидемократски манири и политички притисок врз опозицијата.

„Претседателката на Советот на Општина Кисела Вода, Светлана Колариќ, посегна по обезбедување за да го отстрани од седницата советникот на Левица, Петар Здравевски. Наместо да обезбеди нормална расправа и еднакво право на збор, раководството на Советот демонстрираше чиста вмровска ароганција и антидемократски манири – политичкиот противник да не се побива со аргументи, туку да му се заканува и со физичко отстранување од салата“, велат од партијата Левица.

„А на ова му претходи уште погнасна пракса. Втора седница по ред советници од ДПМНЕ без апсолутно никаква потреба и повод, вмешуваат фамилија на Здравевски во политичката расправа, иако не се ниту функционери, јавни личности, ниту пак политички активни и со досие зад себе. Здравевски јасно предупреди неговото семејство да не биде вовлекувано во нивните примитивни практики и пресметки. Но, токму ДПМНЕ, која прва ќенка и цмиздри кога некој ќе спомене нечие семејство, без никаква потреба посегнува по родители кога треба да провоцира политички противник. Тоа лицемерие веќе станува препознатлив печат на нивното однесување.

За време на излагањето на советникот од Левица, Давид Бошковски, советниците од владејачкото мнозинство непрекинато дофрлаа и го попречуваа неговиот говор. Наместо да ги смири оние што ја нарушуваат седницата, претседателката се стави во функција на мнозинството. Советот во Кисела Вода изгледа така кога ќе го преземат вмровски силеџиски манири – можат да провоцираат, дофрлаат и навредуваат, а кога опозицијата ќе возврати, веднаш се повикува обезбедување.

Во истата атмосфера се вклучи и градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, со лични навреди кон Здравевски, а потоа со манипулации. Градоначалничка која на критика возвраќа со лични дисквалификации и мнозинство кое на несогласување одговара со закани за исфрлање покажуваат само едно, а тоа е паника пред секој што одбива да им молчи.

Левица најостро го осудува ваквото арогантно, насилничко и антидемократско однесување. Советниците на Левица мандатот не го добиле од ДПМНЕ, од градоначалничката или од претседателката на Советот, туку од граѓаните. Затоа ќе продолжат да поставуваат непријатни прашања, да бараат отчет и да ги разобличуваат неработењето, злоупотребите и локалните марифетлаци. Кога одговорот на критика стануваат таткото на советникот, личните навреди и обезбедувањето, тогаш власта сама признава дека политички одговор повеќе нема!

Општина Кисела Вода не е приватен имот на ДПМНЕ, а Советот не е нивен партиски штаб во кој вмровски силеџии ќе определуваат кој смее да зборува, а кој треба да биде исфрлен. Може да викаат обезбедување, да се закануваат и да се обидуваат да воведат политичка дисциплина со сила, но со секоја ваква сцена само ја разголуваат сопствената авторитарна матрица.

Антидемократите секогаш најмногу се плашат од говорот што не можат да го контролираат“, се наведува во соопштението на партијата Левица.