Познатиот француски тениски тренер со грчко потекло, Патрик Муратоглу, изнесе прилично контроверзен став за тоа што во моментов му се случува на српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ, велејќи дека не верува оти станува збор за физички, туку за ментални тешкотии.
Во видео објавено на социјалните мрежи детално го образложи својот став, а големо внимание предизвика откако истакна дека смета оти Ноле сè уште игра затоа што ја бара љубовта на публиката, која „отсекогаш повеќе ги сакала Надал и Федерер“.
Поранешниот тренер на бројни тениски ѕвезди, како Серена Вилијамс, Стефанос Циципас, Симона Халеп, Холгер Руне и Наоми Осака, кој најголемите успеси ги постигна со Американката, освојувајќи дури десет гренслем-титули, неколку дена подоцна на социјалните мрежи објави фотографии со својата девојка.
Станува збор за германската манекенка и телевизиска личност Линда Нобат, која јавно ја откри својата врска со Муратоглу во септември 2025 година. Парот сега ужива на Миконос, каде што на фотографиите разменуваа нежности.
Муратоглу има 56 години, а Нобат 31, па разликата меѓу нив е 25 години, но тоа воопшто не им пречи.
Линда Нобат, ријалити-ѕвезда која се фотографирала за „Плејбој“
Нобат е германска манекенка и ријалити-ѕвезда, родена на 19 јануари 1995 година во Ханау. Потекнува од семејство со корени од Камерун, а пред телевизиската кариера се занимавала со манекенство и студирала право на Универзитетот „Јустус Либиг“ во Гисен. Студиите ги прекинала во 2021 година.
Поголема популарност во Германија стекнала во 2021 година со учеството во тамошно ријалити-шоу, а една година подоцна се појавила во германската верзија на „Survivor“. Во февруари 2022 година се нашла и на насловната страница на германското издание на „Плејбој“. Подоцна учествувала во повеќе германски ријалити и забавни емисии.
Во мај годинава, таа и Муратоглу заедно се појавија на црвениот килим на Филмскиот фестивал во Кан. Во јуни Нобат била претставена како партнерка на Муратоглу и на хуманитарната гала-вечер на неговата тениска академија во Франција.
Нобат во 2018 година ја освоила титулата „Miss MGO Hessen“, што ѝ помогнало да изгради манекенска кариера, пред да стане препознатливо телевизиско лице во Германија.










