Македонската фудбалска репрезентација наскоро ќе го отвори новиот циклус во Лигата на нации, а овојпат ќе играме во Б дивизијата, што подразбира многу поквалитетни противници.
Селекторот Гоце Седлоски на денешниот брифинг со новинарите истакна дека планира да повика повеќе фудбалери поради фактот што националниот тим треба да одигра четири натпревари во краток период.
– Планот ми е за овие четири натпревари да повикам меѓу 30 и 35 играчи, кои ќе бидат со нас на собирот.
– Следуваат исклучително тешки натпревари, но мене фокусот ми е за дуелот со Швајцарија за која знаеме дека е во врвот на светскиот фудбал. Сакам да направам одредени промени во однос на претходните натпревари и затоа планирам да им дадам шанса и на неколку млади играчи кои мислам дека ќе бидат дополнително мотивирани за настап во А-селекцијата, – истакна македонскиот селектор.
Тој најави и конкретен потег за две нови имиња.
– Матеј Гаштаров од Црвена Ѕвезда и Казимчан Караташ од Галатасарај ќе се најдат на списокот, за вториот чекаме да биде завршена процедурата за спортски пасош.
– Со ова ќе добиеме нови опции во офанзивата и на бековските позиции. Ќе имаме неколку натпревари за многу краток период и затоа ќе мора да правиме ротации, а најподготвените ќе добијат и најголема минутажа на натпреварите. Сакам да победуваме, таков бев како играч, така сакам да размислуваат и фудбалерите кои го носта дресот на Македонија, – вели Седлоски.
Македонската репрезентација во периодот од 26. септември до 6. октомври ќе одигра два натпревари со Швајцарија, а ќе има и по едно соочување со Словенија и Шкотска.








