Фердинанд Порше остана запаметен како автомобилски визионер, но неговата биографија ја следат соработката со Хитлер, членството во нацистичката партија и користењето принудни работници.
Денес е доволно само да се изговори неговото презиме за веднаш да се помисли на луксуз, вртоглава брзина и автомобили за кои многумина можат само да сонуваат. Меѓутоа, зад славниот знак на „Porsche“ се крие минато кое нема многу заедничко со гламурот. Човекот кој ги поставил темелите на еден од најпосакуваните автомобилски брендови бил член на нацистичката партија, соработувал со Адолф Хитлер и своето знаење го ставил во служба на воената машинерија на Третиот Рајх.
Фердинанд Порше, роден на 3 септември 1875 година, остана запаметен како еден од најголемите конструктори во историјата на автомобилската индустрија. Сепак, неговиот вртоглав подем бил проследен со одлуки кои со децении останувале скриени зад беспрекорната слика на спортските автомобили и семејната деловна империја.

Хитлер имал идеја, а Порше задача да ја оствари
Порше во 1931 година во Штутгарт основал конструкторско биро за развој на мотори и возила. Бил исклучително талентиран, строг и речиси опседнат со техничко совршенство. Среде големата економска криза собрал тим од способни инженери и почнал да гради име кое набргу ќе го привлече вниманието на самиот врв на нацистичка Германија.
Само неколку години подоцна го добил проектот кој засекогаш ќе го поврзе со Адолф Хитлер.
Нацистичкиот лидер сакал „народен автомобил“ – сигурно, брзо и доволно евтино возило кое би можело да си го дозволи просечно германско семејство. Цената требало да биде пониска од 1.000 рајхсмарки, а задачата замислата на Хитлер да ја претвори во реалност му била доверена токму на Фердинанд Порше.

Порше уште во 1935 година изработувал прототипови на возилото од кое подоцна ќе настане славната „Volkswagen Beetle“, односно „Буба“. Проектот во нацистичката пропаганда бил претставуван како доказ за технолошкиот напредок и како ветување за подобар живот на германските работници.
Сепак, голем број граѓани кои уплаќале пари за автомобилот никогаш не го добиле. Почетокот на Втората светска војна целосно ја променил намената на новоизградената фабрика. Наместо семејни автомобили, од производствените линии почнале да излегуваат воена опрема, делови за авиони, теренски возила и компоненти за оружје.

Станал член на нацистичката партија и добил висок чин во „SS“
Фердинанд Порше не бил само конструктор кого режимот го ангажирал за одредени проекти. На нацистичката партија ѝ се приклучил во 1937 година, а бил поврзан и со „SS“, каде што подоцна имал висок почесен чин.
Како што се ширела војната, така се менувала и природата на неговите проекти. Порше повеќе не работел само на автомобили. Учествувал во развојот на тешки воени возила и вооружени системи наменети за германската армија.

Неговиот конструкторски тим развил прототип на тежок тенк познат како „Tiger (P)“. Иако овој модел не бил избран за сериско производство, произведените шасии послужиле како основа за моќните ловци на тенкови кои најпрво биле наречени „Ferdinand“, а потоа „Elefant“.
Порше работел и на монструозниот тенк „Maus“, замислен како најтешкото оклопно возило кое дотогаш се појавило на бојното поле. Биле направени само два прототипа, но проектот покажал колку длабоко неговото конструкторско биро било вклучено во нацистичката воена индустрија.
Работниците на облеката носеле буква „P“
Најпотресното поглавје од оваа приказна не се однесува на автомобилите или тенковите, туку на луѓето кои биле принудени да ги произведуваат.
За време на Втората светска војна во индустрискиот комплекс на „Volkswagen“ работеле илјадници луѓе донесени од окупираните земји. Меѓу нив имало Полјаци, Руси, Италијанци, Французи, Белгијци и Холанѓани, како и воени заробеници и затвореници од концентрационите логори.
Тие работеле во тешки и нехумани услови, изложени на глад, исцрпеност, понижување и казни. Во одредени периоди принудните работници го сочинувале мнозинството од вработените во фабриката.

Еден од нив бил Полјакот Јан Каролчак, кој во 1942 година, како млад човек, бил присилно одведен на работа. Полските работници морале на облеката да носат ознака со буквата „P“. Многумина мислеле дека таа го означува презимето Порше, но всушност служела за да покаже дека се од Полска и јавно да ги обележи како луѓе со понизок статус.
Користењето принудна работна сила не било изолиран инцидент. Фабриката активно барала нови работници за да одговори на сè поголемите потреби на нацистичкото воено производство.
Еврејскиот коосновач избришан од големата приказна
Во сенката на успехот на Порше долго време останало уште едно име – Адолф Розенбергер.
Поранешниот возач на тркачки автомобили и успешен претприемач бил еден од луѓето кои помогнале компанијата воопшто да биде основана во 1931 година. Ѝ обезбедил финансиска и деловна поддршка во момент кога нејзината иднина била неизвесна.

Со доаѓањето на нацистите на власт, сè се променило. Розенбергер, како Евреин, бил уапсен и затворен, а потоа принуден да ја напушти Германија. Останал без својата позиција и уделот во компанијата во чие создавање помогнал.
Неговата улога со години останувала на маргините на официјалната историја на брендот. Дури многу подоцна отворено се поставило прашањето за таканаречената аријанизација – систем преку кој нацистите им ги одземале компаниите, имотот и деловните удели на Евреите, честопати во корист на луѓе блиски до режимот.

И неговиот син доброволно му се приклучил на „SS“
Врските на семејството Порше со нацистичкиот систем не завршувале со Фердинанд. Неговиот син Фери Порше доброволно му се приклучил на „SS“, а по војната токму тој ја презел клучната улога во семејниот бизнис.
Додека неговиот татко бил во притвор, Фери работел на опстанокот на компанијата. Под негово водство, во 1948 година настанал „Porsche 356“, првиот спортски автомобил што го носел семејното презиме.
Така, само неколку години по падот на Третиот Рајх започнало создавањето на сосема нов имиџ. Презимето кое за време на војната било поврзувано со проектите на Хитлер, воените возила и принудната работа почнало да станува синоним за брзина, елеганција и престиж.

Фердинанд Порше никогаш не бил осуден
Фердинанд Порше по војната бил уапсен во Франција поради неговата улога во нацистичката воена индустрија и користењето принудни работници. Во притвор поминал речиси две години, но судската постапка против него никогаш не била завршена и тој никогаш не бил правосилно осуден за воени злосторства.
Починал во 1951 година, без да доживее семејната компанија да прерасне во глобална автомобилска империја.
Неговото име денес го носат некои од најскапите и најпосакуваните автомобили на планетата. Сепак, зад блескавите салони, тркачките победи и совршениот дизајн останало минато кое не може да се избрише.
Фердинанд Порше бил автомобилски гениј. Но, истовремено бил и човек кој свесно ја прифатил соработката со Хитлер, станал член на нацистичката партија и своето инженерско знаење му го ставил на располагање на режимот одговорен за некои од најголемите злосторства во историјата.














