И покрај напорите на производителите да вградат што е можно повеќе екрани и напредни системи, најновото истражување на „J.D. Power“ покажува дека возачите најмногу ги ценат незабележливите иновации што го поедноставуваат возењето.
Производителите на автомобили продолжуваат агресивно да воведуваат нови технологии во своите возила, и покрај доказите дека потрошувачите се сè пофрустрирани од огромните екрани и софтверот што не функционира секогаш беспрекорно. Всушност, се чини дека функциите што сопствениците на автомобили најмногу ги ценат се токму оние што едвај ги забележуваат. Барем така покажува најновото истражување за технологијата спроведено од „J.D. Power“.
Оваа позната компанија за истражување на пазарот испитала 68.084 сопственици на нови возила од моделската 2026 година во САД, по 90 дена сопствеништво. Истражувањето, познато како „U.S. Tech Experience Index (TXI)“, опфатило 40 различни автомобилски технологии, од оние за удобност и практичност, преку системите за помош на возачот, па сè до решенијата специфични за електричните и паметните возила. Резултатите испратиле јасна порака до индустријата: едноставноста победува.

Незабележливите помошници како победници
Функциите што добиле највисоки оценки за задоволство биле оние што најмалку се наметнуваат, односно оние што работат во заднина и го олеснуваат животот без потреба од интеракција. На врвот на листата се нашле системи како паметното стартување, при кое возилото автоматски се стартува и се гаси врз основа на постапките на возачот, или паметните „HVAC“ системи, кои користат вештачка интелигенција за автоматско приспособување на климата во кабината за максимална удобност и ефикасност.
Токму овие технологии се големите победници во овогодишното истражување на „J.D. Power“, пред сè затоа што бараат минимално внимание од возачот. Паметното стартување особено се истакнало, постигнувајќи највисоко вкупно задоволство со забележани само 2,4 проблеми на 100 возила.
„За производителите на автомобили, можноста лежи во давањето приоритет на технологијата што го прави возењето поедноставно, а не покомплицирано. Функциите што решаваат реални проблеми без да му создаваат дополнителен напор или стрес на возачот се оние што најдобро се прифатени од купувачите“, изјави Дорон Хикри, директор во „J.D. Power“.

Кога помалку всушност значи повеќе
Од друга страна, непотребните технолошки функции, како екраните за совозачот, каде што дополнителен екран е вграден во контролната табла пред совозачкото седиште, добиле најниски оценки за задоволство. Овие екрани најпрво почнале да се појавуваат кај премиум брендовите како „Mercedes“, „BMW“ и „Porsche“, но се чини дека нема толку лесно да се прошират на масовниот пазар. Очигледно, за повеќето возачи тие претставуваат само залудно потрошен простор.
Повеќе од една третина од сопствениците кои имаат екран за совозачот изјавиле дека никогаш не се ни обиделе да го користат, а само шест проценти признале дека го користат при секое возење. Како тоа да не е доволно, овие екрани забележале и голем број пријавени проблеми – дури 21,3 дефекти на 100 возила.
Уште една технологија што мора дополнително да се докаже за да ги освои купувачите е возењето без раце, познато и како автоматизација од ниво 2 Плус („L2+“). Станува збор за системи како „Full Self-Driving“ на „Tesla“ и „Drive Pilot“ на „Mercedes“. За разлика од стандардните системи од ниво 2 („L2“), кои бараат возачот да ги држи рацете на воланот, системите „L2+“ овозможуваат целосно автономно возење на одредени патишта.

Интересно е што сопствениците на автомобили изјавиле дека ги претпочитаат постарите „L2“ системи во однос на дизајнот и квалитетот на искуството, што сугерира дека повисокото ниво на автоматизација не мора нужно да значи и поголемо задоволство кај купувачите. Парадоксално, „L2“ системите забележале незначително поголем број проблеми – 14,3 на 100 возила, во споредба со 13,8 на 100 возила кај „L2+“ системите – но корисничкото искуство очигледно било пресудно.
„Резултатите покажуваат дека сопствениците во моментов се чувствуваат поудобно со системите што јасно му помагаат на возачот, отколку со оние што воведуваат повисоко ниво на автоматизација“, заклучи Хикри.














