Здравјето и финансиите се прашањата што предизвикуваат најголема загриженост кај луѓето, покажа истражувањето објавено денес, кое минхенската осигурителна компанија „Алијанц“ го спровела во десет земји.
Агенцијата за истражување на јавното мислење „Ипсос“, од април до јуни, за потребите на концернот „Алијанц“, анкетирала 10.000 луѓе во десет земји за тоа кои грижи не им даваат да спијат ноќе.
Истражувањето ги опфатило Австралија, Индонезија и Бразил, а во Европа – Франција, Италија, Германија, Шпанија, Швајцарија, Турција и Велика Британија.
За приближно половина од испитаниците во Франција (49 отсто), Велика Британија (51 отсто), Италија (52 отсто) и Шпанија (53 отсто), здравјето – без разлика дали сопственото или на некоја блиска личност – е прашањето што предизвикува најголема загриженост.

Истото го одговориле и мнозинството анкетирани во Бразил (58 отсто).
Во Турција и Швајцарија, мнозинството анкетирани, односно 49 и 48 отсто, изјавиле дека најмногу ги загрижува финансиската неизвесност. Финансиите се најголема причина за загриженост и за мнозинството Австралијци (52 отсто), како и за испитаниците во Индонезија (64 отсто).
Во сите земји, на прашањето кои се нивните најголеми конкретни финансиски грижи, испитаниците одговориле дека тоа се зголемувањето на трошоците за живот, недоволните приходи и непланираните трошоци.
Единствено Германија донекаде отстапува од оваа слика, бидејќи во истражувањето точно половина од нејзините граѓани навеле дека се вознемирени поради исклучително брзите политички и општествени промени.
Општествени промени
Германците конкретно изјавиле дека најмногу ги загрижува трансформацијата на општеството. Поточно, ги загрижуваат социјалната неправда, сè посилната поларизација на општеството, стравот од војна и стабилноста на демократијата во светот. На второ и трето место во Германија се здравјето (44 отсто) и парите (43 отсто).
Кога станува збор за општествените промени, особено е загрижена таканаречената бејби-бум генерација, односно луѓето родени меѓу 1945 и 1965 година, од кои дури 57 отсто изразиле загриженост. Сепак, меѓу учесниците во истражувањето постари од 60 години, здравјето е на прво место меѓу причините за загриженост.

Во сите земји, меѓу петте најголеми проблеми што предизвикуваат загриженост се наведуваат и иднината, станбените проблеми, работата и кариерата, животната средина и образованието. Во Италија и Турција, загриженоста за иднината е на второ место, веднаш по здравјето, односно финансиите.
Во сите десет земји, загриженоста за иднината се одразува преку стравот од глобалните кризи и нивните последици, а во повеќето земји овој страв целосно ја потиснал загриженоста за животната средина и климатските промени.
















