Туристи во Неа Каликратија, Грција, деновиве пријавуваат непријатно чешање и пецкање на кожата за време или по капењето, а некои се сомневаат дека во морето има ситни морски организми.
Необичните тегоби по капењето овие денови ги вознемирија туристите во Неа Каликратија, каде што сè поголем број капачи се жалат на чешање на кожата за време или по престојот во морето.
Слични реакции се пријавени и на поединечни околни плажа, поради што меѓу туристите се појавија прашања што се случува со морето.
„Чувствуваме чешање по целото тело“
„Веќе два дена на градската плажа во Неа Каликратија нешто се случува со морето, додека сме сè уште во вода чувствуваме некакво чешање по телото (нема никакви осипи или пликови), денес е уште полошо“, се пожали една туристка од Србија во Фејсбук групата „Live from Greece“.
Таа додала дека сè повеќе туристи се жалат на чешање.

„Дали уште некој го доживеал истото и дали сте слушнале дека евентуално нешто се излеало во морето, па оттаму се ваквите реакции по телото?“, прашала таа.
Некои капачи се сомневаат дека причината за чешањето би можеле да бидат таканаречените „бебе медузи“, односно ситни организми во морето кои можат да предизвикаат иритација на кожата, иако засега нема потврда дека токму тоа е причината за тегобите.
„И ние во Каликратија го имаме истиот проблем, децата веќе втор ден не се капат и сите се жалат на пецкање по телото“, напишала една корисничка.
Друга навела дека истата ситуација е и во Платамона.

„Истото го почувствувавме пред една недела. Мали желатинести топчиња и благо чувство на пецкање. Безопасно е, но не беше пријатно“, стои во коментарот.
За овој феномен не се жалат само туристите – грчки медиуми пишуваа дека на неколку туристички места, и локалците забележале чешање и пецкање кога ќе влезат во водата.
Грчкиот медиум „The Opinion“ на почетокот од август сподели дека добиле поплаки за оваа појава од неколку локации во Халкидики.

Тие стапиле во контакт со Атанасиос Циклирас, професор по биологија на универзитет во Солун, кој открива дека пецкањето е предизвикано од медузи.
„Не мора да имате директен контакт со медуза. Можете да почувствувате пецкање и само ако сте блиску до нивните клетки. Но, ова е безопасно, пецкањето е многу нежно“.
Тој истакнува и дека ова е сосема нормална појава во овој период од годината.
„Некогаш има наезда на медузи, во зависност од сезоната и временските услови. Ова е забележано скоро секое лето, со разни видови медузи и во различен број. Сме виделе и многу полоши наезди“.
















