Ликот на Данела Арсовска осамна на познатата кула „Nasdaq“ на Тајмс сквер во Њујорк

Точка

02/09/2026

19:18

1.181

Големина на фонт

а а а

Фотографија од поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, беше прикажана на познатата кула „Nasdaq“ на Тајмс сквер во Њујорк, во рамки на отворањето на тргувањето на пазарот на капитал „Nasdaq“.

Арсовска објави дека нејзиното појавување на еден од најпрепознатливите симболи на финансискиот свет претставува признание за нејзиниот ангажман како член на работната група на B20 USA за економски раст, во рамки на процесот поврзан со G20.

„За мене е посебно признание што сум претставена на кулата „Nasdaq“ во Њујорк, Тајмс Сквер, со што се признава ангажманот на членовите на работната група B20 на САД од G20 во обликувањето на приоритетите и препораките за унапредување на агендата за глобален економски раст“, наведе Арсовска.

Поводот беше церемонијата на отворање на берзата, на која претставникот на B20 USA, Кевин Брејди, со традиционалното ѕвоно го означи почетокот на тргувањето на „Nasdaq“. Настанот е дел од активностите што претходат на „B20 Summit“, кој е најавен за ноември во Вашингтон.

Работната група во која учествува Арсовска се занимава со прашања поврзани со глобалниот економски раст и развој. Нејзината работа опфаќа креирање приоритети и препораки во области како економскиот раст, инвестициите, иновациите, конкурентноста и глобалните пазари на капитал.


Во текот на наредниот период, членовите на работната група ќе соработуваат со високи политички функционери, бизнис-лидери и меѓународни експерти, во координација со Американската стопанска комора. Целта е подготовка на стратешки препораки кои треба да станат дел од финалното коминике на B20, односно заедничкиот став на глобалната деловна заедница упатен до лидерите на G20.

Како официјална деловна група на G20, B20 ги обединува претставниците од најголемите светски економии кои опфаќаат околу 85 отсто од глобалниот бруто домашен производ и 75 отсто од меѓународната трговија. Изданието на B20 во 2026 година има дополнително значење бидејќи САД за првпат претседаваат со оваа деловна група.

Кулата „Nasdaq“, на која беше прикажана фотографијата од Арсовска и останатите членови на работната група, се наоѓа на Тајмс сквер во Њујорк. Станува збор за седумкатен цилиндричен LED-дисплеј, официјално дел од „Nasdaq“, кој започна да се користи на 1 јануари 2000 година и располага со околу 10.000 квадратни метри простор наменет за брендирање.