[ВИДЕО] Момент кој ќе се памети: Шпанскиот тенор Хозе Карерас ја запеа „Едно име имаме“ со македонските музички великани во срцето на Скопје

Точка

02/09/2026

11:41

946

Големина на фонт

а а а

Легендарниот шпански тенор Хозе Карерас, еден од најголемите оперски уметници на сите времиња и член на славното трио „Тројцата тенори“, заедно со Лучано Павароти и Пласидо Доминго, синоќа настапи пред македонската публика на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Концертот беше организиран по повод одбележувањето на 35 години независност на Македонија, а настапот на Карерас му даде посебен белег на големото музичко одбележување. Пред преполниот плоштад, светскиот тенор приреди вечер исполнета со препознатливи оперски и музички нумери, но и со моменти што директно ја поврзаа неговата уметност со македонската музичка сцена.

Карерас, кој зад себе има децениска блескава меѓународна кариера и настапи на најпрестижните оперски сцени во светот, на сцената во Скопје настапи во придружба на Македонската филхармонија, а концертот беше збогатен и со настапите на некои од најпознатите македонски музички имиња.

Особено емотивен и впечатлив момент беше заедничката изведба на култната македонска песна „Едно име имаме“. Во моментот кога започна песната, на сцената му се придружија Влатко Стефановски на гитара, Каролина Гочева, Калиопи, Ана Дурловски, Игор Дурловски, Наум Петрески и Сузана Спасовска.


Спојот на препознатливиот глас на Карерас со македонските вокали и звукот на филхармонијата создаде сцена која предизвика силни реакции кај публиката. Полн плоштад „Македонија“ ја проследи изведбата, а големиот број посетители со аплауз ја поздравија оваа несекојдневна музичка соработка.

За многумина токму ова беше еден од највпечатливите моменти на целата вечер – светска оперска легенда на иста сцена со македонските музички великани, во изведба на песна која со децении има посебно место во македонската музичка традиција.

Повеќе видеа од вчерашниот настан: 




Видео: „24chasa.mk“