Џејк Рајнер, синот на починатите Роб и Мишел Рајнер, се оженил со својата девојка Марија Гилфилан, осум месеци по убиството на неговите родители. 34-годишниот Рајнер и Гилфилан се венчале во август на интимна церемонија, пренесе „ТМЗ“.
Веста за венчавката доаѓа само неколку дена откако Џејк, во емотивно интервју за „ABC7“, за првпат јавно проговорил за смртта на двајцата родители.
„Имам чувство како да поминале осум години, а истовремено како да поминале само осум минути. Секојпат кога ќе се разбудам, реалноста повторно ме стигнува и со тоа живеам секој ден“, рекол тој.

Во интервјуто се присетил и на телефонскиот повик во кој неговата помлада сестра Роми му ја соопштила тажната вест.
„Бев во центарот на Лос Анџелес кога ми се јави двапати по ред. Роми ми рече дека татко ми е мртов, а потоа додаде: ’Не можам да ја најдам мама‘“, се присетил Џејк.

Неговиот брат Ник е обвинет за двојно убиство, а кога го прашале за него, Рајнер застанал неколку секунди и тешко наоѓал зборови за својот брат.
„Тој е во затвор. Така што… знаете… Како физички да ги изгубив родителите, а потоа Ник беше уапсен. Сега останавме само јас и Роми“, одговорил тој.
Џејк пред неколку месеци на платформата „Substack“ пишувал за тоа колку го погодува фактот што неговите родители нема да бидат присутни на важните настани во неговиот живот.

„Моите родители нема да бидат на мојата венчавка, нема да можат да го земат во прегратка своето идно внуче, ниту ќе ме видат како ја остварувам успешната кариера кон која сè уште се стремам. Тоа истовремено ми го крши срцето и ме исполнува со гнев“, напишал тој тогаш.
Иако не е познато кога точно ја започнале врската, Џејк и Марија за првпат се појавиле заедно во јавноста во мај 2025 година, а Џејк за првпат бил забележан со венчален прстен минатата недела, токму за време на споменатото интервју.








