Ангелов: Бројот на пожари на отворен простор не стивнува

Макфакс

29/08/2026

14:10

267

Големина на фонт

а а а

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, предупредува за зголемениот број на пожари на отворен простор и ги повикува граѓаните на максимална претпазливост поради сувата вегетација и опасност од нови огнени непријатели.

Во текот на вчерашниот ден се регистрирани над 30 пожари на отворен простор, што покажува дека нивниот број не стивнува, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, упатувајќи апел до граѓаните за максимална претпазливост.

– Во текот на вчерашниот ден повторно имавме над 30 пожари на отворен простор, што значи дека нивниот број не стивнува. Затоа уште еднаш упатувам апел до сите граѓани да бидат исклучително внимателни, бидејќи доволна е само искра за вистинска катастрофа. Иако за денес попладне и утре попладне синоптичарите предвидуваат појава на локални врнежи, сепак вегетацијата е премногу сува и затоа треба да се внимава – нагласи Ангелов.

Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Општина Струмица, тој информираше дека биле евидентирани четири пожари, кои благодарение на брзата реакција на противпожарните екипи, биле целосно изгаснати, со што, вели, е спречена поголема опасност по населените места.

– Синоќа имавме четири пожари на територијата на општина Струмица. Благодарение на брзата и храбра интервенција на струмичките пожарникари, сите тие беа брзо изгаснати. Иако четвртиот од нив, којшто се одвиваше во атарот на село Куклиш, го загрози ова село — дојде до првите куќи — но благодарение на храбрата и пожртвувана реакција на струмичките пожарникари, со поддршка на радовишките и валандовските пожарникари, беше спречена катастрофа којашто можеше да се случи во ова село. Постоеше опасност и по куќите, но и по земјоделските површини околу селото – истакна Ангелов.

Во однос на пожарот на планината Жеден, Ангелов посочи дека огнената стихија се шири кон селото Радуша, но во моментов нема директна закана за населените места.

– Пожарот којшто веќе неколку дена се одвива на планината Жеден сега се движи во насока на село Радуша. Гори на тешко пристапен терен, карпест терен — трева, грмушки, трња. Не загрозува во овој момент ниту едно село овој пожар. Очекувам во текот на денешниот ден тетовските пожарникари од тетовска страна и скопските од скопска страна да го стават под контрола и истиот да го изгаснат. Во текот на вчерашниот ден на овој пожар работеа и неколку Пинцгауери на Дирекцијата со огнените тимови. Истите и денес се ставени на располагање како поддршка на скопските и тетовските пожарникари – рече Ангелов.

Сите дополнителни и детални информации околу состојбата со пожарите на територијата на државата, тој додаде дека ќе бидат дистрибуирани преку редовните известувања на Центарот за управување со кризи.

Според последните податоци од ЦУК,  пет пожари се активни, а еден е под контрола од  регистрираните  31 пожар на отворен простор до 7.30 часот утринава. Дваесет и пет пожари се изгаснати.

– Кај селата Моране,  Вртекица и Рамни Габер  во општина Студеничани и кракот кон село Палиград, во правец на Преслап во општина Зелениково  гори  мешана шума, а во општина Сарај – во село  Копаница, со проширување кон село Радуша ниска вегетација и шума.   Над село Нежилово, кај местото викано сватови Сватови, гори ниска вегетација и единечни дрва, во село Копанце во општина Јегуновце мешана шума, а во прилепското село Црнилиште  ниска вегетација и шума. Под контрола е пожарот  во општините Гостивар и Македонски Брод – село Трново (Општина Гостивар), со ширење кон селата Битово, Заград и Страјане (Општина Македонски Брод), а во кој се зафатени нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат – велат од ЦУК.