Најдобриот утрински напиток за подобро здравје на мозокот, според нутриционистите

Точка

25/08/2026

20:03

253

Големина на фонт

а а а

Грижата за здравјето на мозокот е важна во секоја животна доба, а исхраната може да има значајна улога во тоа. Одредени намирници и напитоци се поврзуваат со подобра концентрација и зачувување на когнитивните способности. Еден вообичаен утрински напиток би можел да има позитивно влијание врз мозокот и краткорочно и во текот на стареењето.

Станува збор за кафето, односно за комбинацијата од кофеин и полифеноли што природно ги содржи. Кофеинот може да ја подобри концентрацијата бидејќи дејствува како стимуланс на централниот нервен систем. „Кофеинот го блокира аденозинот, хемиска супстанција во мозокот која поттикнува поспаност“, објаснува нутриционистката Талија Фоладор за „EatingWell“. Истражувањата покажуваат дека една до две шолји кафе, односно до 200 милиграми кофеин, можат да ги подобрат вниманието и брзината на реакција.


Кафето се поврзува и со долгорочни придобивки

Редовното пиење кафе се поврзува и со помал ризик од одредени невродегенеративни заболувања. Едно големо истражување покажало дека лицата кои секојдневно пиеле незасладено кафе со кофеин имале 34 проценти помал ризик од деменција поврзана со Алцхајмерова болест и 37 проценти помал ризик од Паркинсонова болест во споредба со оние кои не пиеле кафе.

„Кафето е богато со антиоксиданси кои помагаат во отстранувањето на слободните радикали и на тој начин ги намалуваат оксидативниот стрес и воспалителните процеси во мозокот“, вели нутриционистката Кејтлин Бил. Придобивките би можеле да се однесуваат и на зачувувањето на когнитивните способности во текот на стареењето. „Поголемата консумација на кафе со кофеин, поточно две до три шолји дневно, се поврзува со помал ризик од деменција и подобри когнитивни резултати“, истакнува Фоладор.

Истражување кое во период од 43 години следело повеќе од 130.000 возрасни лица покажало дека оние со најголем внес на кофеин преку кафето имале 18 проценти помал ризик од деменција, иако резултатите не докажуваат дека кафето директно ја спречува деменцијата.


Како правилно да уживате во кафето?

Важно е да се внимава и на количината, како и на времето кога се пие кафето. Нутриционистката Јохана Кац препорачува да се пие наутро или во раните часови од денот за кофеинот да не го наруши сонот, а внимание треба да се посвети и на количината шеќер и другите додатоци. „FDA“ препорачува возрасните лица да не внесуваат повеќе од 400 милиграми кофеин дневно, но индивидуалната толеранција може да биде значително пониска.

„Идеалната количина е најмалиот внес што ја подобрува будноста без да предизвика анксиозност, забрзано чукање на срцето, дигестивни тегоби или нарушувања на сонот“, заклучува Кац.