Итака го отфрли предлогот Јонските Острови, за промотивни цели, да се брендираат како „Островите на Одисеј“

Точка

25/08/2026

13:00

179

Големина на фонт

а а а

Општината Итака во Грција, легендарната татковина на јунакот на Хомер, Одисеј, го отфрли предлогот сите Јонски острови за промотивни цели да се брендираат како „Островите на Одисеј“.

Предлогот го изнесе заменикот на регионалниот гувернер за финансии и трговија, Савас Кулурис, во рамки на седницата на Регионалниот совет одржана во саботата, 22 август, пренесе „Greekreporter“.

Предлогот е дел од планот за учеството на Јонските Острови на еден од водечките меѓународни саеми за туризам, кој во ноември ќе се одржи во Лондон.


„Итака е Итака. Одисеј има своја татковина и таа не може да биде претворена во општ туристички бренд на Јонските Острови“, соопшти општина Итака.

„Изненадувачко“ брендирање на Јонските Острови

Дебатата беше покрената откако заменик-гувернерот Кулурис на последната седница на Регионалниот совет изјави дека гувернерот на Јонските Острови, Јанис Терпеклис, поранешниот градоначалник на Крф, подготвува „изненадување“ за учеството на регионот на Јонските Острови на саемот „World Travel Market“ (WTM) 2026.


„Бидејќи филмот на американскиот режисер Кристофер Нолан, „Одисеја“, во моментов е во центарот на вниманието, на WTM ќе биде организиран посебен настан на кој Јонските Острови ќе бидат претставени како „Островите на Одисеј“. Целта е да станат силен бренд, бидејќи, иако секој остров, се разбира, има свои особености, во овој момент сакаме бренд што ќе ги опфати сите Јонски Острови“, нагласи тој.

Сепак, општина Итака остро ја отфрли таа идеја.


„Иако го поддржуваме отворањето кон светот и туристичката промоција на Јонските Острови, општина Итака не може да го прифати предлогот Јонските Острови да се нарекуваат „Островите на Одисеј“, се наведува во соопштението.

„Кога станува збор за толку сериозно прашање, кое се однесува на историјата, идентитетот и меѓународниот бренд на Итака, другите не можат да одлучуваат без Итака“, се додава.


Поради тоа, општината го повика Регионалниот совет на Јонските Острови „да ги почитува Итака, нејзината историја и нејзината уникатна поврзаност со Одисеј“.

„Туристичката промоција на Јонските Острови може и треба да се заснова на многубројните и разновидни предности. Итака не ги отстапува својата историја и своето име“, се заклучува во соопштението.