[ФОТО] Нацистички мотоцикл и останки од војници 80 години криеле мрачна тајна од Втората светска војна

Точка

24/08/2026

18:29

726

Големина на фонт

а а а

Минувачите најпрво забележале виљушка од мотоцикл што се појавила меѓу карпите на брегот. Експертите од Институтот и музејот за воена историја, унгарски партнер на германската организација „Volksbund Deutsche Kriegsgräberfürsorge“, веднаш започнале со истражување.

Неодамна, поради екстремно ниското ниво на Дунав во Будимпешта, беше откриен мотоцикл од Втората светска војна. На површината се појавиле и посмртните останки на двајца германски војници од „Wehrmacht“, како и речиси целосно зачуван воен мотоцикл. Откритието било направено на будимската страна од реката, на плоштадот Батјани, точно спроти зградата на унгарскиот парламент. Минувачите најпрво ја забележале виљушката од мотоциклот која се гледала меѓу карпите на брегот. Експертите од Институтот и музејот за воена историја, унгарски партнер на германската организација „Volksbund Deutsche Kriegsgräberfürsorge“, веднаш започнале со истражување. Откритието предизвикало голем интерес кај археолозите, историчарите и љубителите на воената историја, бидејќи исклучително ретко се случува ваков предмет да биде зачуван во толку добра состојба.

Мотоциклот потекнува од периодот кога речиси 50.000 германски и унгарски војници загинале или биле заробени во опсадата на Будимпешта, во обид Третиот Рајх на Хитлерова Германија да добие време во борбата против Советите. До пролетта 1944 година, Унгарија не се сметала за воено подрачје. Тоа се променило на 19 март 1944 година, кога силите на Третиот Рајх ја окупирале земјата. Тоа претставувало трагедија не само за унгарските Евреи и цивили, туку и за сите војници кои таму биле распоредени во служба на плановите на Хитлер.


Според потполковникот д-р Норберт Самвебер, директор на Военоисторискиот архив при Институтот и музејот за воена историја („HM HIM“), мотоциклот ѝ припаѓал на една од најважните германски единици опколени во Будимпешта.

„Тоа беше оклопната дивизија ’Feldherrnhalle‘, која имаше оклопен пионерски баталјон со истото име“, изјави Самвебер за „Euronews“.

„Мотоциклот веројатно влегол во инвентарот на таа единица, која во тоа време штотуку се реорганизирала, во септември 1944 година, кога сè уште се нарекувала ’Pionier-Bataillon (mot.) Feldherrnhalle‘. Кон крајот на тој месец или најдоцна на почетокот на октомври 1944 година била преименувана во ’Panzer-Pionier-Bataillon Feldherrnhalle‘. Мотоциклот и возилата кои веќе биле означени со амблемот на единицата не биле поединечно пребојувани, можеби поради недостиг на време“, додаде тој.


Во близина на мотоциклот биле пронајдени и противтенковски мини, муниција и посмртните останки на двајца германски војници. По предавањето на пештанскиот мостобран на 18 јануари 1945 година, остатоците од германската 22. доброволна коњаничка дивизија на „SS“ го бранеле будимскиот брег на Дунав. Според идентификациската плочка, еден од двајцата војници можеби ѝ припаѓал на таа единица на „SS“, а другиот на „Wehrmacht“. Ниту еден од нив не бил директно поврзан со мотоциклот.

„Тие можеби загинале овде во борба или Советите ги погубиле на самото место. Второто не било невообичаено во случајот со припадниците на ’SS‘, но бидејќи Советите пред погубувањето обично ги отстранувале идентификациските плочки, поверојатно е првото сценарио“, објасни Самвебер.

Прегледот на возилото покажал дека менувачот бил во втора брзина или заглавен во неа. Кустосите на „HM HIM“ утврдиле дека мотоциклот пред 81 година учествувал во судир, но не е можно да се утврди дали тоа се случило во моментот кога завршил во Дунав.


„Во оваа фаза е невозможно со сигурност да се реконструира како возилото и телата на двајцата војници завршиле таму. Ја исклучувам можноста дека станува збор за потонат траект, бидејќи ниту тактичката ситуација ниту силно замрзнатата река не го дозволувале тоа за време на опсадата“, изјави историчарот. Овој тип мотоцикл главно се користел за курирски задачи, како пренесување извештаи и наредби, додаде тој.

Историјата на оклопната дивизија „Feldherrnhalle“ започнува во 1935 година, кога Виктор Луце, водач на нацистичката паравоена организација „SA“ („Sturmabteilung“), сакал да создаде полк сличен на „Leibstandarte“ на „SS“. Во септември 1936 година, Хитлер на гардискиот полк на „SA“ му го доделил името „Feldherrnhalle“.

„Некои војници од дивизијата ’Feldherrnhalle‘ доаѓаа од ’SA‘“, објасни Самвебер. „Организацијата имаше голема масовна база, што е една од причините поради кои воопшто опстана, но самата ’SA‘ немаше воено вооружување и речиси и да не играше улога во војната – со исклучок на единиците ’Feldherrnhalle‘, меѓу кои беше и овој мотоцикл“, вели тој.


Германските моторизирани пионерски чети не биле само техничка поддршка – тие имале и значителна борбена вредност. Секоја таква чета била опремена со два тешки и 18 лесни митралези, два минофрлачи од 8 сантиметри и шест рани модели на фрлачи на пламен. Во оклопните чети, фрлачите на пламен главно биле вградени на борбените возила.

„Тоа беа одлично опремени јуришни единици наменети за напади врз утврдени позиции и борби во населени места. Во голем град како Будимпешта, ваквите единици станаа особено важни“, истакна Самвебер.

Меѓу Божиќ 1944 година и средината на февруари 1945 година, околу 100.000 германски и унгарски војници ја бранеле унгарската престолнина. Таа сила практично била уништена: оние што не загинале во борбите биле одведени во заробеништво. При обидот за пробив до германските линии успеале да стигнат само 705 германски и 36 унгарски војници, како и 44 цивили. Загубите на советските и романските сили се проценуваат на околу 80.000 луѓе. Бројот на цивилни жртви се проценува меѓу 23.000 и 38.000. До крајот на опсадата во Будимпешта загинале и околу 15.000 Евреи.


„Тоа беше бесмислено, ужасно крвопролевање“, рече Самвебер. „Унгарија стана жртва на германската стратегија за добивање време.“

„Како временска капсула, овој мотоцикл нè соочува одблизу со нашето минато. Од военоисториска гледна точка, возилото и придружните наоди ги потврдија податоците што истражувањата ги составија од други извори. Двајцата германски војници, во принцип, можат да бидат идентификувани по име, па за нивните семејства повеќе нема да бидат исчезнати без трага. По 81 година, тие можат да ги добијат последните почести и да бидат погребани“, заклучи потполковникот Самвебер.