[ВИДЕО/ФОТО] Една од најубавите улици во светот се наоѓа во Србија: Во гратче на северот на земјата постои глетка како од бајка, ја нарекуваат „зелен тунел“

Точка

24/08/2026

18:00

574

Големина на фонт

а а а

Улицата „Генерал Петар Драпшин“ во Кикинда е прогласена за една од најубавите зелени улици во светот, создавајќи вистински зелен тунел над коловозот.

Улицата „Генерал Петар Драпшин“ во центарот на Кикинда е една од најубавите зелени улици во светот, според истражувањето на угледниот сајт „Architectural & Design“. Се најде меѓу 50-те најубави зелени улици во светот, заземајќи го 22-то место, рамо до рамо со улици во градови како Стокхолм, Бон, Вашингтон и Валенсија.


Оваа улица претставува вистинска зелена оаза, а нејзиниот дрворед стана еден од препознатливите симболи на Кикинда. Засаден е кон крајот на Втората светска војна, а дрвјата со текот на децениите израснале толку многу што со своите крошни создаваат своевиден „зелен тунел“ над коловозот.


За дрворедот се води посебна грижа. Редовно се контролира здравствената состојба и виталноста на дрвјата, а посебно внимание ѝ се посветува на аамериканската копривка, вид кој на овој дел од градот му дава карактеристичен изглед.

Дрворедот е долг околу два километри и го сочинуваат 389 дрвја копривка, липа, јавор и дудинка. Во есен, кога лисјата добиваат златни и портокалови нијанси, улицата „Генерал Петар Драпшин“ добива особено впечатлив изглед. Крошните над коловозот создаваат природен тунел, додека паднатите лисја ја прекриваат улицата и ја претвораат во глетка што потсетува на есенска бајка.


Затоа не е чудно што жителите на Кикинда се горди на својот зелен тунел. Во текот на топлите месеци, крошните обезбедуваат пријатна сенка, додека во есен улицата добива сосема нов лик. За мештаните, одржувањето на дрворедот е дел од секојдневниот живот, но и цена за зачувување на едно од најубавите катчиња на нивниот град.


Улицата „Генерал Петар Драпшин“ не е само важен дел од Кикинда, туку и место кое привлекува внимание поради својата природна убавина. Ако се најдете во Кикинда во текот на есента, прошетката низ овој „зелен тунел“ е можност една од најубавите глетки на градот да ја доживеете во нејзиното најраскошно издание.

Важно е да се спомене и дека оваа улица останала забележана во стиховите на Ѓура Јакшиќ, еден од најзначајните српски поети и сликари, кој дел од својот живот го поминал во Кикинда.