Франција го губи туристичкиот трон? Една земја би можела да ја престигне до 2040 година

Точка

24/08/2026

11:52

576

Големина на фонт

а а а

Прогнозата за 2040 година покажува дека децениската доминација на Франција на врвот на туристичката листа наскоро би можела да заврши. Можете ли да погодите која земја би можела да ја престигне?

Со бајковитите замоци во долината на Лоара на запад, сончевите лозја и плажи на југ и секако, Париз, не е изненадување што Франција со децении е најпосетуваната земја во светот. Станува сè полесно да се стигне до неа, а италијанскиот железнички оператор Трениталија планира директно да се натпреварува со Еуростар на линијата Лондон-Париз до 2029 година, пишува „Тајм аут“.


Сепак, на хоризонтот се наѕира пресврт. Имено според неодамнешната прогноза на трендовите, не е сигурно дека Франција ќе остане на врвот уште многу долго.

Според прогнозата од заедничката студија на компаниите „Делоит“ и „Гугл“, Шпанија би можела да ја престигне Франција како најпосетувана земја во светот до 2040 година, со околу 110 милиони туристи годишно, во споредба со предвидените 105 милиони посетители во Франција. Во моментот на објавувањето на студијата, Шпанија имаше податоци од 2023 година како основа, кога регистрираше околу 84 милиони посетители, што беше солиден, но доста далечен резултат во споредба со Франција. Меѓутоа, две години подоцна, бројките што стојат зад оваа прогноза изгледаат многу поубедливи.


Имено Шпанија минатата година беше домаќин на рекордни 97 милиони меѓународни туристи, според Националниот институт за статистика на Шпанија, кои заедно потрошија околу 135 милијарди евра. Тоа е голем скок во однос на бројката од 2023 година на која се базираше првичната прогноза, што значи дека Шпанија е веќе на добар пат да ја достигне својата цел за 2040 година, за што има уште 15 години на располагање.


Засега, Франција сè уште ја држи титулата најпосетувана земја. Минатата година, таа повторно се најде на врвот на листата со 102 милиони посетители, во споредба со 100 милиони во 2024 година, кога беше домаќин на Летните олимписки и параолимписки игри.


Па зошто Шпанија се приближува? Постојат очигледни предности како што се околу 300 сончеви денови годишно, релативно евтини авионски билети и поблаги зими отколку во поголемиот дел од Северна Европа.

Сепак, овој тренд не е добра вест за сите. Растот на бројот на туристи дополнително ја засили веќе напнатата дебата за прекумерниот туризам, додека жителите на Барселона, Балеарските Острови и Канарските Острови предупредуваат на пренатрупаност, оптоварени јавни услуги и зголемени трошоци за домување.


Неколку региони веќе воведоа построги правила како одговор на овие проблеми, па затоа останува отворено прашање дали Шпанија може да достигне 110 милиони туристи до 2040 година без претходно сериозно да го преиспита начинот на кој управува со туризмот.