Видеото на инфлуенсерката Анџела Холм, мајка на пет деца, стана вирално на социјалните мрежи, но од сосема погрешни причини. Популарната мајка објави снимка од вечерен тренинг во теретана, на кој го повела и своето новороденче, а видеото досега е прегледано повеќе од два милиони пати.
На почетокот од видеото, Анџела го става своето бебе во количка и ја подготвува опремата за тренинг, а потоа со бебето оди во соблекувалната. За тренингот избрала лесно трчање на лента, а откако новороденчето заплакало во количката, го ставила во носилка и продолжила да оди со него на лентата за трчање.
Нејзиниот потег шокирал многумина, кои ја критикувале Холм бидејќи, според нив, ја загрозила безбедноста на детето.
„Толку е опасно да се оди на лента за трчање со бебе“, „Ова ми изгледа себично. Зарем таткото не може да го чува бебето додека ти вежбаш?“, „Повеќето теретани не се безбедни за вакво нешто“, се само дел од коментарите.
Анџела и претходно споделувала слични видеа од теретана. На едно од нив го носела своето бебе на градите додека одела, а потоа кревала и тегови.
Иако Холм главно била критикувана поради вежбањето со детето, дел од следбениците застанале на нејзина страна и ја пофалиле што останала физички активна по породувањето и покрај ризиците.
„Имав навистина тешко породување и теретаната беше единственото нешто што ми помогна. Горда сум на тебе, мајко, што го правиш она што треба“, „Ја носев ќерка ми на лентата за трчање, а сега има четири години“, „Девојко, сè што можам да кажам е дека победи“, „Ова е вистинска посветеност“, се само дел од позитивните коментари.
Според претходно спроведена студија, вежбањето на лента за трчање во присуство на бебиња може да има сериозни последици. Истражувачите од Детската болница во Бирмингем откриле дека 29 деца, меѓу кои и деца помлади од три години, претрпеле повреди поврзани со користењето лента за трчање, како длабоки лузни и изгореници, додека возрасно лице ја користело справата.
„Лентите за трчање можат да претставуваат значителна опасност за децата. Овие повреди може да се спречат. Регулаторните тела, производителите и родителите треба да преземат мерки за да го спречат овој здравствен проблем“, наведоа тие.
Американското Национално здружение на независни здравствени клубови (NIHCA), исто така, им препорача на новите мајки и татковци да не им дозволуваат на своите бебиња да користат фитнес-опрема, ниту да престојуваат во просториите за кревање тегови.
„Во просторот за вежбање постојат многу безбедносни ризици, вклучувајќи опасност од сопнување, тегови и остри рабови. Дали детето би било на безбедно место доколку справата се расипе?“, порачаа тие.