На денешен ден, 20 август 1943 година, е роден легендарниот Драган Гага Николиќ, а во текот на целиот живот имал само една желба.
Постојат актери кои ги играат ликовите, а постојат и оние кои стануваат самата дефиниција на едно време, урбаниот дух и неминливиот шарм. Драган Гага Николиќ беше токму од вторите – неприкосновениот крал на белградскиот асфалт, препознатливото лице на југословенскиот филм и вечниот шмекер чија непосредност освои генерации гледачи ширум поранешна Југославија.

Иако дебитираше во филмот „Pravo stanje stvari“ (1964), големиот пресврт во кариерата и статусот на ѕвезда му го донесе улогата на Џими Барка во ремек-делото на Живојин Павловиќ „Kad budem mrtav i beo“ (1967). По ова остварување, редеше хит по хит, а во текот на кариерата играл во повеќе од 120 телевизиски и филмски улоги.

Во исто време, вниманието на јавноста го привлекуваше и неговиот брак со легендарната Милена Дравиќ, а нивната љубов важеше за една од најхармоничните на домашната сцена.
Иако немаа наследници, тоа не влијаело врз нивниот однос, напротив, се сакаа уште повеќе, а љубовта несебично ја ширеа и кон сите од своето опкружување.

Нивната хармонија, богатството на проживеаните години и животот исполнет со анегдоти и средби со големите имиња го навеле Гага да сфати дека можеби најубавото сценарио сè уште не е снимено, па во последните години од животот сè повеќе зборувал за идејата која му била особено блиска – да се сними филм инспириран од неговиот живот. Уште во 2013 година почнал да ги запишува интересните епизоди и сеќавања кои го одбележале неговиот пат, со намера од тој материјал да настане сценарио за иден филм.

Неговата замисла била личните сеќавања, анегдотите и искуствата од богатата кариера да ги преточи во приказна која на публиката би ѝ го приближила не само неговиот професионален пат, туку и животот зад сцената.
Желбата останала неисполнета, засега
За жал, судбината сакала овој проект да остане недовршен. Гага не стигнал да го заврши ракописот на кој работел, па така не се остварил ниту планот од неговата животна приказна да настане филм.

До денес не е познато каде се наоѓа тетратката во која ги запишувал своите сеќавања и епизоди од животот. Се претпоставува дека во неа оставил бројни интересни анегдоти од младоста, од снимањата на филмовите и од средбите со колегите кои ја одбележале епохата на југословенската глума.











