„Џган“ на Вардан Тозија и по 10 години удира силно – јубилејна проекција во летното кино „Синеплекс“ под отворено небо и средба со филмската екипа

Точка

20/08/2026

13:06

314

Големина на фонт

а а а

Еден од најкултните филмови во современата македонска кинематографија „Џган“ по сценарио и во режија на Вардан Тозија, годинава одбележува 10 години од светската премиера, кога филмот за првпат беше прикажан на најстариот филмски фестивал во Чикаго (Chicago International film festival).

Јубилејот ќе биде одбележан на 25 август (вторник), со проекција на филмот на „Rooftop Open Air Cinema“, на отворената катна гаража во Скопје Сити Мол, со почеток во 20.30 часот.

Веднаш по проекцијата ќе биде организирана интерактивна сесија разговори со филмската екипа на „Џган“ и публиката, а потоа дружење во чест на јубилејот.


За овој повод, продуцентот на филмот Огнен Антов вели: „Кога денес го гледам „Џган“, не гледам филм од пред 10 години, туку приказна, која не застарела во ниту еден кадар. Тоа е реткост, и признавам дека тогаш, кога го снимавме, не бев целосно свесен што сме направиле. Најголемата награда за мене, не е онаа од фестивалите, туку кога млад филмаџија ќе ми каже дека токму „Џган“ му бил инспирација. Затоа и после 10 години сакам новите генерации да го видат и да доживеат дека ЏГАН сè уште удира силно. Некои филмови стареат. Овој филм мислам дека само чека публиката повторно да го открие“.

Приказната на филмот следи низа свирепи околности, кои тивкото и повлечено момче го претвораат во суров и бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од Домот за деца без родители. Заедно, тие тргнуваат во слепа одмазда кон светот, зад ѕидовите на Домот, кој им нанел само болка и страдање. Свет, во кој за нив постои само едно заедничко име – „Џган“.


Македонски продуцент на филмот е Дрим Фектори, ко-продуцент на филмот е Red helicopter films од Албанија. Филмот беше финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Р.С. Македонија и SEE Cinema network.

Главните улоги ги играат: Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. И актерите Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов, Мартин Живковски...

Под максимата „Никој не е роден насилен“, Вардан Тозија го напиша сценариото и ја потпиша режијата на филмот. Дизајнот на шминка и маски ги изработи Горан Игњатовски, костимограф е Жаклина Крстевска, дизајнер на звук е Игор Поповски, авторската музика е на Александар Пејовски, сценографијата е дело на Кирил Спасески, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажер е Атанас Ѓеоргиев, кастингот го работеше Кирјана Николовска, а продуцент на филмот е Огнен Антов од Дрим Фектори.


Во изминативе години и по светската премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Чикаго 2016 година, „Џган“ беше прикажан на голем број фестивали, помеѓу кои: филмскиот фестивал во Брауншвајг (Германија), Eastern Neighbours Film Festival (Холандија), Razor Reel (Белгија), Cinedays (Македонија), Exground Filmfest (Германија), фестивалот во Гетеборг (Шведска), Balkan Florence Express (Италија), Lume Festival (Бразил), во Гвадалахара (Мексико), Festival Film Policier de Liège (Белгија), Филмскиот фестивал во Трансилванија (Романија), во Шангај (Кина), во Дурбан (Јужна Африка), PRIFEST – во Приштина (Косово), во Кицбил (Австрија), DEA Open Air Festival (Албанија), Меѓународниот филмски фестивал во Отранто (Италија), во Лесковац (Србија), Beginning Film Festival (Санкт Петербург, Русија) и Ubrzaj HRIFF (Подгорица, Црна Гора).


„Џган“ освои и повеќе значајни светски признанија. На Меѓународниот филмски фестивал во Брауншвајг во 2016 година, актерот Мартин Ѓоргоски ја доби Специјалната награда на жирито за актерска изведба. На PRIFEST во Приштина во 2017 година, филмот ја освои наградата FIPRESCI, додека на фестивалот во Кицбил ја доби Големата награда (Grand Prix) за најдобар долгометражен филм. На фестивалот во Отранто, „Џган“ ја освои Големата награда (Grand Prix) за најдобар долгометражен филм, а на фестивалот во Лесковац Мартин Ѓоргоски беше награден за најдобар актер.

Билети за јубилејната проекција на филмот пуштени се во продажба од денеска 20 август на билетарницата на киното Синеплекс во Скопје Сити Мол и онлајн на https://cineplexx.mk/film?date=2026-08-19&category=now&location=all.