Американската актерка Сандра Булок првпат јавно проговори за смртта на нејзиниот долгогодишен партнер Брајан Рендал, кој на 5 август 2023 година почина по тригодишна борба со амиотрофична латерална склероза (ALS).
Актерката откри дека Рендал сакал неговата болест да остане приватна, поради што со години молчела за сè. Булок (62) гостувала во поткастот „SmartLess“, каде што објаснила зошто јавноста не била запознаена со борбата на Рендал со ALS.
„Тој ме замоли да не зборувам за тоа. Знам зошто го бараше тоа“, изјавила актерката.
Сепак, признала дека таквата одлука до одреден степен ја изолирала и ѝ го отежнала целиот процес на соочување со болеста и загубата.
Како што раскажала, за болеста на Рендал знаела само нејзината сестра Гезин Булок-Прадо. Булок верувала дека ќе може сама да ја поднесе целата ситуација, но грижата за тешко болниот партнер, истовременото воспитување на две деца и пандемијата на коронавирусот се покажале како исклучително тежок период.
„Тоа беше еден вид мрачна трифекта“, рекла Булок, опишувајќи го периодот низ кој минувала.
Актерката дури подоцна почнала да разговара за ситуацијата со блиски пријатели, меѓу кои биле актерката Џенифер Анистон и Аманда Анка, сопругата на актерот и еден од водителите на поткастот „SmartLess“, Џејсон Бејтман.
Булок открила и дека, како што напредувала болеста на Рендал, почнала да тагува за него многу пред неговата смрт.
„Мислам дека почнав да тагувам за Брајан четири години пред да почине. Тогаш нешто се промени“, изјавила таа.
Додала дека чувствувала како „неговата личност“ исчезнала многу пред неговото тело да го напушти овој свет.
„Неговата личност си замина многу порано отколку што замина телото. Мислам дека никогаш навистина не се соочив со тоа сè додека не почина, бидејќи едноставно сте на таа лента што не престанува“, раскажала актерката.
Булок ја опишала ALS како трауматична дијагноза. Рендал почина на 5 август 2023 година, на 57-годишна возраст, по тригодишна борба со оваа тешка невродегенеративна болест.
Неговото семејство тогаш соопштило дека Рендал уште од самиот почеток сакал неговата борба со ALS да остане приватна.
„Брајан од почетокот одлучи своето патување со ALS да го задржи за себе, а сите што го сакаа се трудеа да ја почитуваат неговата желба“, навело семејството во соопштението по неговата смрт.
Семејството тогаш изразило благодарност до лекарите и медицинските сестри кои се грижеле за Рендал за време на неговата болест.
„Во овој момент ве молиме за приватност за да тагуваме и да се обидеме да ја прифатиме неможноста да се збогуваме со Брајан“, навеле тие.

ALS е прогресивна невродегенеративна болест која ги зафаќа нервните клетки во мозокот и 'рбетниот мозок. Како што напредува болеста, лицето постепено ја губи способноста за зборување, хранење, движење и дишење. Болеста е позната и како Лу Геригова болест. Во моментов не постои лек со кој може да се излечи.
Љубовта што започна во 2015 година
Булок го запознала Рендал во јануари 2015 година, кога бил ангажиран како фотограф на петтиот роденден на нејзиниот син Луис. Набрзо започнале врска, а како пар првпат заедно се појавија во јавноста во октомври истата година, на премиерата на нејзиниот филм „Our Brand Is Crisis“.
Актерката во 2021 година, гостувајќи во емисијата „Red Table Talk“, зборувала за нивната врска и тогаш рекла дека ја пронашла „љубовта на својот живот“.

Рендал ѝ помагал на Булок во воспитувањето на нејзиниот син Луис, кој денес има 16 години, и ќерката Лајла, која има 12 години. Двете деца актерката ги посвои.
Рендал од претходната врска со Џенин Стејтен има ќерка Скајлар, која денес има 32 години.
По неговата смрт, сестрата на Булок, Гезин, се огласила на Инстаграм и напишала дека ALS е сурова болест, но дека одредена утеха ѝ пружа фактот што Рендал имал најдобра можна нега.
„Мојата неверојатна сестра и тимот медицински сестри што ги собра ѝ помогнаа да се грижи за него во нивниот дом“, напишала Гезин.











