Левица: Армијата се соочува со масовен одлив на обучен кадар поради незадоволство од ниските примања

Макфакс

18/08/2026

10:31

253

Големина на фонт

а а а

Левица го критикува континуираното ослабнување и деградирање на македонската Армија, алармирајќи дека таа се соочува со кадровска криза и масовен одлив на обучен кадар поради ниските примања и лошите услови во касарните, како и политичкото влијание кое ја убива мотивацијата на професионалците.

На 34-годишнината од основањето на македонската Армија, наместо прераснување во сериозна сила искалена во реална борба сведочиме на континуирано ослабнување и деградирање на АРМ предизвикано од заедничкото дејство на естаблишментските партии и владејачките елити, велат од Левица.

„По повод јубилејот на АРМ, се присеќуваме на нејзината историја – создавањето, потешкотиите и раниот развој. Неодминливи се славните денови и херојството прикажано во Конфликтот од 2001 при што, во содејство со специјалните единици на МВР, до израз дојдоа нејзиниот суштински белег и намена, а тоа е способноста за сочувување на територијалниот интегритет на Република Македонија. 25 години подоцна, на 34-годишнината од основањето, наместо прераснување во сериозна сила искалена во реална борба сведочиме на континуирано ослабнување и деградирање на АРМ предизвикано од заедничкото дејство на естаблишментските партии и владејачките елити. Како жртва на малициозни и погрешни политики, македонската армија бележи непрекинат пад на релевантните глобални листи според кои по моќноста се наоѓа на самото дно во регионот, покрај фактот дека Република Македонија е втора по Полска во буџетските издвојувања за одбрана во рамките на НАТО“, велат од партијата.

Од таму велат дека Армијата се соочува и со кадровска криза и масовен одлив на обучен кадар поради незадоволство од ниските примања.

„Поголемиот дел од касарните се изградени во времето на СФРЈ и со децении зјаат невозобновени. Санитарните услови се катастрофални – нема парно греење во зима, тоалетите се руинирани, спалните соби ги разјадува влага, а покривите протекуваат. Квалитетот на храната во армиските мензи често е под стандардот за физички активни професионалци, а редовни се поплаките за недостиг на основни хигиенски средства, поради што војниците сами купуваат материјали за одржување на просториите. Војниците на терен со години се соочуваат со недостиг на квалитетни обувки и униформи. Чести се случаите каде тие самите си докупуваат тактичка опрема од приватни продавници за да можат функционално да си ги извршуваат задачите. Додека се инвестираат милиони во скапи оклопни возила, војниците користат заштитни елементи (шлемови, панцири) кои технолошки се застарени и гломазни. Припадниците на АРМ кои обезбедуваат државни објекти или караули често престојуваат во импровизирани куќички без струја, вода и соодветна изолација“, велат од Левица.

Унапредувањата во повисоки чинови, испраќањето во мисии во странство и прекомандите, додаваат од таму, често се вршат под силно партиско-политичко влијание и врски, а тоа ја убива мотивацијата кај вистинските професионалци.

„Поради сето наведено, младите не се пријавуваат да служат во војската. Оние што се веќе внатре се преоптоварени – еден војник често извршува задачи за тројца (дежурства, стражи, физичка работа). Затоа и просечната старост на професионалните војници е висока. Безбедносниот сектор под раководство на ДПМНЕ и СДСМ е секогаш поле за политички калкулации наместо апарат за создавање реална стратегија за одбрана. Набавките на воена опрема се бавни и оптоварени со комплицирани тендерски процедури и политички пазарења, што го забавува процесот на комплетна трансформација и модернизација на војската. Затоа, армиските структури се слабо подготвени за современите хибридни и сајбер закани. Сајбер-одбраната (инаку клучна за модерното војување) е сè уште на очајно ниско ниво“, велат од Левица.

Од таму додаваат дека иако буџетот за одбрана е рекордно висок, парите не се насочуваат кон независно јакнење на капацитетите.

„Речиси 1/3 од буџетот оди директно за набавка на опрема, а земјата е под силен притисок да купува исклучиво скапа опрема од САД и другите НАТО-земји. Воениот буџет служи за заситување, хранење, на опаѓачката воена индустрија на “стратешките партнери” наместо за развој на сопствени изводливи решенија со што домашната наменска индустрија е практично непостоечка или крајно маргинализирана. Очигледно станува дека членството во НАТО на Република Македонија ѝ донесе буџетски оптеретувања и ослабнување на сопствената војска, на што Левица упорно посочуваше со години наназад“, велат од Левица.