[ФОТО/ВИДЕО] Пред 3 години Леон, момче со аутизам остана сам за роденден - денес прослави со многу деца, му пееја Тамара Тодевска и Пајак: „Сине мој, можеби светот понекогаш не знаеше да те разбере“

Точка

18/08/2026

11:40

819

Големина на фонт

а а а

Пред три години, на својот роденден, 13-годишниот Леон доживеал ситуација која тешко би ја поднело кое било дете – на неговата роденденска прослава, иако биле поканети повеќе дечиња, речиси никој не дошол.

Годинава, сликата била целосно поинаква.

Леон, кој има дијагноза за атипичен развој (аутизам), својот 13-ти роденден го прослави во Градскиот парк, каде што го опкружувале голем број деца, пријатели и луѓе кои сакале да му покажат дека не е сам.

Посебно изненадување за него бил и концертот на Тамара Тодевска и Пајак, кои настапиле на неговата роденденска прослава и дополнително ја разубавиле атмосферата.

Неговата мајка Амела претходно преку социјалните мрежи ја најавила прославата и ги повикала сите кои сакаат да бидат дел од важниот ден за нејзиниот син.

Сосема поинаква била ситуацијата пред три години.

Тогаш Амела организирала роденденска забава за Леон и поканила повеќе негови врсници, но на прославата се појавила само една негова другарка.

Иако бројот бил мал, присуството на едно дете било доволно за да му измами насмевка на Леон.


Во периодот што следувал, неговата мајка продолжила да му биде најголема поддршка. И покрај неизвесностите и предизвиците со кои се соочувале, таа не престанала да верува во неговиот напредок.

Со посветеност, работа и поддршка, Леон денес е вербален, покажува разбирање и емпатија и е омилен меѓу децата во своето опкружување.

Токму затоа, годинашната прослава за семејството имала посебно значење.

Од роденден на кој присуствувало само едно дете, до прослава со голем број дечиња.

Од празни столчиња, до исполнет простор во Градскиот парк.


Од разочарување, до песна, дружење и насмевки.

Роденденот на Леон годинава стана пример дека со поддршка и прифаќање може да се промени детското искуство и чувството на припадност.

За него, најголемиот подарок не бил само роденденската прослава, туку сознанието дека околу себе има луѓе кои сакаат да бидат дел од неговата приказна.

Додека ги правеше подготовките за големиот роденден на синот Леон, Амела објави неколку фотографии и напиша:

„По толку години, на 17 август, нема да има тишина. Ќе има детски гласови, смеа, прегратки, луѓе и срца собрани околу едно момче кое толку многу нè научи за љубовта.


Околу тебе, Леон. И додека сите ќе ти го честитаат роденденот, јас во себе повторно ќе се вратам 13 години назад на оној прв момент, на првата прегратка, на првиот поглед, и ќе си кажам: „Боже, колку сум благословена што токму тебе ми го подари.

Сине мој, можеби светот понекогаш не знаеше како да те разбере, но јас ќе продолжам да бидам твојот глас кога ќе ти биде тешко да зборуваш, твојата рака кога ќе ти треба потпора и твоето место каде што секогаш можеш да се вратиш“.


Среќен роденден, Леон!