[ФОТО] Модна лекција од славната Французинка: На 73 години ги носи трендовите според сопствени правила

Кармин

17/08/2026

16:05

358

Големина на фонт

а а а

На филмскиот фестивал во Локарно се појавила во впечатлив костим од „Брунело Кучинели“ уште еднаш потврдувајќи дека добриот стил нема „рок на траење“.

Француската актерска легенда Изабел Ипер на 14 август пристигнала на 79. Филмски фестивал во Локарно, Швајцарија, каде што позирала на фотосесијата за филмот „Ni vue, ni connue“, во режија на Марк Фитуси. Во филмот од 2026 година играат Ипер и Сандрин Киберлен, а Ипер ја толкува Корин Маклу, филмска статистка која очајно сака да добие посериозна улога.

Но, уште пред вниманието да се насочи кон филмот, погледите ги привлече нејзиното модно издание.


Славната Французинка за дневното појавување на фестивалот избрала креација од „Брунело Кучинели“, италијанска модна куќа позната по својот луксузен и ненаметлив пристап кон облекувањето.

Наместо фустан, таа се решила за широки темни панталони и соодветна јакна-кошула, изработени од материјал со дискретен сјај. Под нив носела класична бела кошула со тенки риги, лежерно вовлечена во панталоните и дополнета со црн кожен ремен.

На 73 години избира мода што нема врска со правилата

Особено интересна е токму силуетата. Широките панталони со висок струк, предимензионираната јакна и класичната машка кошула создаваат опуштен, речиси андрогин изглед, кој во ниту еден момент не делува строго.

Изабел, која во март го прослави својот 73. роденден, веќе со години е одличен пример за жена која не ја користи модата за да изгледа помладо, туку за да изгледа – интересно.

Во нејзиниот случај нема ниту потреба од таканаречените правила за облекување „соодветни на возраста“. Таа носи високи платформи, смели костими, впечатливи бои и неочекувани силуети подеднакво уверливо како што носи и кутур фустани на црвениот килим.

Токму овој костим од „Брунело Кучинели“ е одличен пример за таквиот пристап. Наместо мокасини или класични салонки, Ипер се одлучила за сандали со многу висока платформа во неутрална нијанса. Токму овој избор му го одзема деловниот карактер на сериозниот костим и му дава малку ретро, модно разиграна завршница.

Кога станува збор за накитот и фризурата, Ипер се решила за едноставност, а резултатот е изглед кој делува како да е составен без многу труд, иако секој елемент е внимателно осмислен.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk