[ВИДЕО] Ѕвездата е родена: Чудесната Сара на 19 години урна светски рекорд!

Точка

13/08/2026

13:26

193

Големина на фонт

а а а

Италијанката Сара Кертис испиша историја во светското пливање!

Деветнаесетгодишната Италијанка приреди спектакл во полуфиналето на Европското првенство во Париз, откако на 50 метри грбно исплива нов светски рекорд – неверојатни 26,63 секунди.

Кертис за дури 23 стотинки го подобри досегашниот рекорд на Австралијката Кејли Мекјуен, која во октомври 2023 година во Будимпешта исплива 26,86 секунди.

Воедно, тоа беше и првиот светски рекорд на годинашното Европско првенство во Париз.

Колку била изненадена од сопствениот резултат најдобро покажува нејзината реакција непосредно по трката.

„Лудо е, не знам што да кажам. Тоа беше сон на мојот живот. Само си реков: ’Не ми е гајле, нурни и обиди сè. Знаев дека го имам тоа во себе, но сè уште ми изгледа неверојатно. Немам зборови и пресреќна сум“, изјави воодушевената Италијанка.

Сепак, работата за неа сè уште не беше завршена. Финалето беше следниот предизвик, а Кертис доби можност светскиот рекорд да го круниса и со медал.


Конкуренцијата ја остави далеку зад себе

Колку Кертис беше доминантна покажува и податокот дека второпласираната Алина Гајфутдинова оствари резултат од 26,91 секунди, што е третото најбрзо време во историјата на оваа дисциплина.

Разликата меѓу двете пливачки изнесуваше дури 28 стотинки.

Дека би можела да го нападне светскиот рекорд, Кертис најави уште кон крајот на јуни, кога на митингот „Sette Colli“ во Рим постави европски рекорд – 27,07 секунди.


Во Париз, сепак, дополнително ги помести границите и сопствениот резултат го подобри за дури 44 стотинки.

Кертис во последните години се наметна како една од најголемите надежи на италијанското пливање.

Родена е во Савиљано, студира и тренира на Универзитетот Вирџинија во САД, а во Париз веќе освои бронзен медал на 100 метри слободно и сребро со италијанската штафета на 4×100 метри слободно.


Нејзините настапи го воодушевија и претседателот на Италијанската пливачка федерација, Паоло Барели.

„Сара е извонредна млада жена, позитивна, секогаш насмеана, која во групата внесува радост и енергија. Талентирана е и решителна. Таа ја претставува новата генерација на италијанското пливање“, порача Барели.