Дополнителна дезинсекција против комарци на територијата на општина Битола

Макфакс

13/08/2026

11:00

126

Големина на фонт

а а а

Општина Битола ќе спроведе дополнителна ларвицидна и адултицидна дезинсекција во рамки на мерките за контрола против комарци поради зголемениот ризик од Западнонилска треска, со цел намалување на бројноста на комарците и превенција на преносливи заболувања.

Според информациите од Центарот за јавно здравје заклучно со 09.08.2026 година, на територијата на Општина Битола, согласно Планот и Програмата за спроведување на мерки за дезинсекција и стручното мислење на Центарот за јавно здравје – Битола, се реализирани сите предвидени редовни активности, односно три ларвицидни и три адултицидни дезинсекции, извести Општина Битола.

„Имајќи ја предвид актуелната епидемиолошка состојба во земјата, односно прогласената епидемија на Западнонилска треска на подрачјето на дел од Скопје, како и потребата од засилување на превентивните мерки за контрола на комарците како вектори на заболувањето, по консултација со Центарот за јавно здравје – Битола, Општина Битола ќе спроведе дополнителна, вонредна ларвицидна и адултицидна дезинсекција.

Дополнителната ларвицидна дезинсекција ќе се спроведе на 19.08.2026 година, додека дополнителната адултицидна дезинсекција ќе се спроведува во периодот од 23.08 до 27.08.2026 година, согласно динамиката и условите за реализација на теренските активности.

Дополнителните третмани се преземаат како превентивна мерка за дополнително намалување на бројноста на комарците и ризикот од пренос на Западнонилската треска, особено во услови на зголемен епидемиолошки ризик и поволни услови за размножување и развој на комарците.

Ларвицидната дезинсекција е насочена кон ларвите на комарците во местата погодни за нивно размножување, додека адултицидната дезинсекција е насочена кон возрасните комарци. Со спроведувањето на двете мерки се овозможува дополнителна контрола на популацијата на комарци и намалување на потенцијалниот ризик од векторски преносливи заболувања.

Општина Битола, во консултација и соработка со Центарот за јавно здравје – Битола, продолжува да ја следи епидемиолошката состојба и, согласно стручните препораки и проценката на ризикот, ќе презема соодветни превентивни мерки за заштита на здравјето на населението.

Се апелира до граѓаните да придонесат кон намалување на бројноста на комарците со отстранување на застојаната вода од дворови, тераси, саксии, садови и други места погодни за нивно размножување, користење на заштитни мрежи на прозорци и врати како и со примена на мерки за лична заштита од убоди од комарци“, се наведува во соопштението од Општина Битола.