[ВИДЕО] СДСМ бара Национален оперативен штаб и конкретни мерки за заштита од западно-нилската треска

Макфакс

13/08/2026

11:30

98

Големина на фонт

а а а

Статијата ги пренесува барањата на СДСМ за формирање Национален оперативен штаб и имплементација на конкретни мерки за заштита од западно-нилската треска. Опозицијата ја критикува задоцнетата реакција на власта и ја потенцира потребата од превенција и системски пристап во справувањето со оваа здравствена криза.

СДСМ бара итна и системска реакција од институциите по прогласувањето на епидемијата на западно-нилска треска.

Наместо задоцнето гасење на пожарот, потребни се конкретни мерки, навремена превенција и јасна одговорност, порача Кети Штерјова од СДСМ, на денешната прес-конференција.

„Доста беше играње со здравјето на луѓето. СДСМ бара веднаш формирање Национален оперативен штаб со јасна одговорност, Национална GIS карта на епидемијата и ризикот. Интензивен ентомолошки надзор, тестирање на комарци за западно-нилски вирус. Мапирање и уништување на местата за размножување, интегрирана контрола на векторите, јавен дневен извештај за состојбата и проценка на ризикот во цела држава. Справување со епидемија не е прскање против комарци и прес-конференција. Мора да има силен системски одговор со сет на мерки и активности. Државата мора да го заштити здравјето на граѓаните“, рече Штерјова.

Покрај тоа, Штерјова посочи дека и оваа здравствена криза, како и кризата во Гостивар, покажа дека власта на Мицкоски нема капацитет навреме да реагира и да го заштити здравјето на граѓаните.

„Новата криза со епидемија од западно-нилската треска потврди дека власта на Мицкоски задоцнето реагира. Нема капацитет да превенира и да го заштити здравјето на граѓаните, туку реагира дури откако кризата ќе ескалира. Граѓаните веќе знаат – оваа Влада реагира реактивно, кога проблемот ќе ескалира, кога веќе има пациенти и заразени“, рече Штерјова.

Таа додаде дека западно-нилската треска не е непознат ризик и дека институциите имаа обврска навреме да спроведат превентивни мерки и мониторинг.

„Западно-нилската треска не е нова болест. Комарците не се појавија вчера, климатските услови не се појавија вчера, а ризикот од вектор-преносливи болести не е непознат. Не станува овде збор само за прскање од комарци туку за сериозни здравствени мерки и системска интервенција. Потребен беше само функционален систем што ќе ги поврзе сите овие институции пред да дојде до епидемија – систем кој Мицкоски не знае да го воспостави. Никој од власта не кажува дали е спроведен ентомолошкиот мониторинг, тестирањето на комарците, дали има национална карта на ризик?“ рече Штерјова.