Итен апел од спасувачите на Халкидики: Семејство од Србија преживеа пекол, бидете внимателни и одговорни

Точка

12/08/2026

18:07

7.056

Големина на фонт

а а а

По случајот со спасувањето на седумгодишно дете од Србија од давење на Халкидики, спасувачите упатија итен апел до сите родители и туристи кои го поминуваат својот одмор на море.

Во Фејсбук-групата „Грчка инфо“, која обединува голема заедница туристи во Грција, објавен е апел упатен од спасувачите на Халкидики.

Во објавениот апел се наведува неодамнешниот случај со детето кое било спасено од давење во Неа Плагија, поради што спасувачите ги повикуваат родителите да бидат одговорни и внимателни со децата на море и да им ставаат гумени елеци или други помагала за одржување на површината на водата.


Имено, во неделата седумгодишно дете било во сериозна опасност да се удави во морето. Пресудна била брзата интервенција на двајца спасувачи. Сè започнало околу 12:15 часот, кога двајцата спасувачи кои биле на должност на спасувачката кула забележале семејство на оддалеченост од околу 40 метри од брегот.

Детето се наоѓало на душек на надувување кога во еден момент се лизнало и паднало во водата. Бидејќи не знаело добро да плива, почнало да се бори за да ја задржи главата над површината на водата, по што родителите повикале помош.

Не губејќи драгоцено време, спасувачот Константинос Цаганос и неговиот колега Јоргос Дипнудис веднаш влегле во морето со пропишаната спасувачка опрема. За само неколку секунди стигнале до местото каде што се наоѓало детето, се наведува во објавата во групата „Грчка инфо“.


„Со помош на спасувачка пловка и соодветен безбедносен зафат го извлековме детето до брегот, каде што веднаш му беше укажана прва помош. Беа проверени сите витални параметри и беше утврдено дека има забрзана работа на срцето. Му дадовме чист кислород и детето за релативно кратко време се врати во нормална состојба“, изјави Цаганос.

Седумгодишното дете потоа останало под надзор на спасувачите повеќе од еден час за да се утврди дека неговата состојба е стабилна и дека повеќе не е во опасност. За инцидентот била известена надлежната Капетанија на пристаништето во Неа Мудања, а на местото пристигнала и патрола за дополнително да ги испита околностите на настанот.

„Доволен е само еден момент за опуштањето да се претвори во трагедија“, истакнаа спасувачите

По повод овој настан, спасувачот упати апел до сите родители да не ги потценуваат опасностите што може да ги носи морето и во ниту еден момент да не ги оставаат децата без постојан надзор.


„Би сакал да апелирам до сите родители нивните деца секогаш да користат соодветни средства за одржување на површината на водата – елеци за спасување кои имаат пенест материјал и рефлектирачки елементи. Ова дете немаше никаков елек за спасување и не знаеше добро да плива, како што подоцна нѝ кажаа родителите. Вниманието на родителите мора да биде постојано, бидејќи е доволен само еден момент безгрижните мигови од одморот да се претворат во трагедија“, изјави спасувачот.

Истовремено, тој ја нагласи важноста на обученоста, подготвеноста и брзата реакција на професионалните спасувачи, бидејќи при инциденти на море времето може да биде пресудно.

Ова спасување уште еднаш нè потсетува дека безбедноста на море е одговорност на сите. Правилното информирање, превенцијата, одговорното однесување на родителите и присуството на обучени спасувачи можат да направат огромна разлика и во критични моменти да спасат човечки живот.