Лансиран е основниот GT модел: „Mercedes-AMG GT 53 4-Door Coupé“

Точка

12/08/2026

07:59

506

Големина на фонт

а а а

Откако премиерно беа претставени помоќните модели, сега пристигна и нешто послабата верзија на новиот „Mercedes-AMG GT“ со четири врати, со цена нешто повисока од 115.000 евра.

„Mercedes-AMG“ ја прошири понудата на неодамна претставениот модел „GT 4-Door Coupé“ со воведување нова верзија – „Mercedes-AMG GT 53 4-Door Coupé“. Новиот модел ги комбинира препознатливите карактеристики на „AMG“ со модерна технологија, високо ниво на практичност за секојдневна употреба и динамична удобност на долгите патувања. Основниот модел дели поголем дел од функциите со своите „постари браќа“, но од нив се разликува по погонскиот систем, кој доаѓа во нешто „попитома“ изведба, а за возврат нуди поголем досег.


„Само“ 544 КС

Погонскиот систем го сочинуваат два синхрони електромотори кои заедно испорачуваат максимална моќност од 400 kW (544 КС) и максимален вртежен момент од 800 Nm, додека континуираната моќност изнесува 270 kW (367 КС). Главната погонска единица со синхрон мотор со постојани магнети (PSM) е поставена на задната оска и постигнува ефикасност од 93 проценти од батеријата до тркалата при возење на долги релации.

Погонот користи двостепен менувач, чиј краток преносен однос во првиот степен (11:1) овозможува моќни забрзувања од место и висока ефикасност во градски услови. Вториот степен, со преносен однос од 5:1, е проектиран за стабилна испорака на моќност при високи брзини, оптимален досег и удобност на автопат, при што моментите на промена на степените се приспособуваат на условите на возење и избраниот режим.

Електромоторот на предната оска служи како дополнителен „boost“ мотор. Во зависност од условите на возење и избраната програма, предниот мотор се активира кога е потребна дополнителна моќност или подобра тракција, додека при мало оптоварување веднаш се исклучува за да се намали отпорот и да се зголеми ефикасноста.


До 800 километри досег

Возилото забрзува од 0 до 100 km/h за 3,5 секунди, додека електронски ограничената максимална брзина од 230 km/h може да се зголеми на 250 km/h со опционалниот пакет „AMG Driver’s Package“. Погонот на сите четири тркала и адаптивната суспензија обезбедуваат високо ниво на тракција, прецизно управување и удобност.

Технолошката основа на возилото ја сочинува високонапонска батерија со архитектура од 800 волти, употреблив капацитет од 106 kWh и директно ладени цилиндрични ќелии, која обезбедува стабилни перформанси и вкупен досег поголем од 800 километри според стандардот „WLTP“. Системот поддржува моќност на полнење до 600 kW на брзи DC полначи, што овозможува за само десет минути да се надополни енергија за повеќе од 500 километри досег.

Аеродинамичните решенија вклучуваат стандарден активен заден спојлер и опционален заден дифузер, кои ја подобруваат стабилноста и го намалуваат отпорот на воздухот при поголеми брзини. За звучното доживување при возењето е задолжен интегриран звучен систем кој со притискање на копче го репродуцира автентичниот звук на шестцилиндричен мотор на „AMG“ – функција која можеби предизвика и најмногу контроверзии при претставувањето на првите модели.