ВМРО-ДПМНЕ реагира на пријавата што ја поднеле против раководството на здравствените институции поради загадувањето на водата во Гостивар и тврдат дека кривична пријава треба да се поднесе против Венко Филипче, поранешниот министер за здравство, за системското труење на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната прес-конференција на Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ, на која тој соопшти дека партијата поднела кривична пријава против министерот за здравство Сашко Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов и директорот на Центарот за јавно здравје – Тетово, Шпенди Амети.
Фрчкоски претходно изјави дека пријавата се однесува на, како што наведе, системски пропусти, непостапување и непреземање на законските надлежности од страна на здравствените и инспекциските институции во врска со загадувањето на водата во Гостивар.
Од ВМРО-ДПМНЕ, во реакцијата, велат дека Фрчкоски „ја утнал адресата“ и оти наместо против актуелните раководители на институциите, треба да поднесе кривична пријава против Венко Филипче, во чиј мандат како министер за здравство, според партијата, околу 400 испитувања покажале неисправна вода во Гостивар.
„Околу 400 испитувања на водата за пиење во Гостивар во периодот на власт на СДС, кога Венко Филипче беше министер за здравство, покажале неисправна вода за пиење. Резултатите се криеле, граѓаните не биле известени да не ја консумираат и не биле преземени никакви мерки и активности од ниедна институција“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата тврдат дека актуелните раководители на институциите презеле мерки за решавање на проблемот и дека граѓаните од првиот ден се снабдуваат со бесплатна флаширана вода за пиење.
ВМРО-ДПМНЕ наведува и дека во Гостивар веќе има техничка вода во чешмите, а дека наскоро се очекува и бактериолошки исправна вода за пиење.
Од партијата му порачаа на Фрчкоски „да му поднесе кривична пријава на Филипче за системското и свесно труење на граѓаните“, наместо, како што наведуваат, против лицата кои работат на решавање на проблемот.












