Топката со која Марадона даде гол со рака на СП 1986 оди на аукција

Точка

08/08/2026

11:03

487

Големина на фонт

а а а

Топката со која Диего Марадона го постигна еден од најпознатите голови во историјата на фудбалот наскоро ќе се најде на аукција.

Топката со која славниот аргентински фудбалер Диего Марадона го постигна голот со таканаречената „Божја рака“ против Англија во четвртфиналето на Светското првенство во 1986 година ќе биде понудена на аукција што од 21 до 23 август ќе ја организира американската аукциска куќа „Heritage Auctions“, а се очекува да достигне цена од 10 милиони долари.

Почетната цена за топката со која Марадона со рака го постигна првиот гол на натпреварот што заврши со победа на Аргентина од 2:1 ќе изнесува 2,5 милиони долари.


Во 51. минута од натпреварот одигран на 22 јуни 1986 година во Мексико Сити, Марадона, како што јасно се гледа на телевизиската снимка, постигна гол со рака и така ја поведе Аргентина кон победата, а подоцна низ шега изјави дека тоа било дело на „Божјата рака“. Само четири минути подоцна Марадона постигна уште еден гол за водство од 2:0, по фантастичен слалом од средината на теренот до противничкиот гол, при што мина покрај четворица противнички фудбалери и голманот.

Една недела подоцна Аргентина, на истиот стадион, ја освои титулата светски шампион, совладувајќи ја Западна Германија со 3:2.


Од „Heritage Auctions“ соопштија дека автентичноста на топката е потврдена со писмо што го добиле од судијата на натпреварот, Тунижанецот Али Бенасер, испратено во 2023 година. Во него тој потврдува дека ја зачувал единствената топка што била користена во текот на натпреварот и дека повеќе од 30 години била во негова сопственост. На топката се наоѓаат и потписите на неговите помошници од тој натпревар.

Пред четири години, на аукција беше продаден дресот што Марадона го носеше на натпреварот против Англија на Светското првенство во 1986 година за 9,3 милиони долари.