Чешката туристка Кејт се изненадила од високите цени за изнајмување на лежалки и чадори на плажите во Црна Гора, при што цените достигнуваат до 200 евра на ден. Таа решила да не изнајмува, туку го поминала денот на јавната плажа со пешкир.
Чешката авантуристка Кејт редовно ги документира своите патувања низ Европа на Инстаграм, каде што ја следат голем број луѓе. За време на неодамнешната посета на црногорското крајбрежје, решила да провери колку чини изнајмувањето лежалки и чадори за сонце на некои од најпознатите плажи во Милочер и на Свети Стефан. Цените што ги затекнала прилично ја изненадиле.
Најпрво ја посетила плажата во Милочер, каде што дознала дека користењето лежалки и плажен кревет чини дури 200 евра на ден. Во видеото покажала речиси празна плажа и истакнала колку чини овој луксуз.
Потоа заминала на плажата Свети Стефан 2, каде што ја дочекало истото изненадување. Цената на комплет со две лежалки и чадор за сонце исто така изнесува 200 евра.
Високата цена ја изненадила, па го прашала еден од вработените дали гостите навистина плаќаат толку за еден ден на плажа. Тој ѝ одговорил дека само еден ден претходно плажата била целосно исполнета.
„Не сум доволно богата за ова“, се пошегувала Кејт.
Поповолна опција пронашла на јавната плажа од другата страна на островот Свети Стефан. Таму цените се значително пониски – две лежалки во првиот ред чинат 50 евра, додека во последниот ред можат да се изнајмат за 30 евра.
Бидејќи патува сама, Кејт на крајот не изнајмила лежалка. Наместо тоа, поставила пешкир на плажата и така го поминала денот.









