[ФОТО] Ова е плажа во Одеса

Точка

05/08/2026

09:41

877

Големина на фонт

а а а

Плажата Ланжерон во Одеса и ова лето е преполна. На 30 степени луѓето лежат збиени едни до други на лежалки и пешкири. Децата се капат во морето, а младите скокаат во водата од моловите. Од баровите на плажата одекнува гласна музика.

Во сенка, покрај штанд со сладолед, седат тројца војници. Само неколку метри подалеку е паркирано нивното возило со мобилен систем за противвоздушна одбрана. Русите во секој момент би можеле да го нападнат пристанишниот град со дронови или крстосувачки ракети, пишува „Deutsche Welle“.

На крајот од еден мол стои 16-годишната Алина. Таа продава сушена риба, омилена закуска во Украина што најчесто се јаде со пиво. Но, деновиве работата оди слабо.

„Оваа недела беше навистина тешка поради постојаните напади“, вели таа.

Неколкупати морала да ја остави стоката и да побара засолниште. За среќа, најблиското не е далеку.

„Само одиш право, па десно и нагоре по скалите. Таму е засолништето.“

Набргу потоа навистина се огласуваат сирените – воздушна опасност. Но речиси никој не реагира. Повеќето капачи остануваат да лежат на плажата, а децата продолжуваат да си играат во водата. Во меѓувреме, тревогите премногу често станаа дел од секојдневието.


„Овде е мирно во споредба со она што го имаме кај нас...“

За среќа, овојпат ништо не се случува. Во Одеса, во некои денови, сирените за воздушна опасност се слушаат и повеќе од десет пати. Честа цел на руските напади се пристанишните постројки на градот, оддалечени само околу еден километар од плажата.

Серхиј повторно дошол овде со своето семејство, првпат по шест години. Тој е од Никопол, кој се наоѓа поблиску до линијата на фронтот.

„Кај нас во Никопол е страшно“, вели тој. „Секој ден сме изложени на напади со дронови и артилериско гранатирање. Овде изгледа нешто помирно.“

На семејството ова му е прв ден во Одеса.

„На децата им треба одмор“, вели Серхиј.

Виола на својот мал штанд со сувенири продава ѓердани, магнети за фрижидер и неизбежните капетански капи за туристите. Луѓето во Одеса, вели таа, научиле да живеат со постојаната закана.

„Ние сме луѓе од крв и месо. Секако дека се плашиме“, вели таа.

Но, додава, човек со текот на времето донекаде се навикнува.

„Психата учи да се приспособува“, вели Виола. „Уште вчера продававме и покрај жестокото гранатирање. Нападите беа многу силни, и со ракети и со „Шахеди“.“


Духот на Одеса и понатаму живее

И покрај сè, луѓето застанувале кај штандот.

„Остануваа, исто како и ние, цврсто на своето место. Ги прашавме некои од нив од каде доаѓаат. ‘Од Киев’, ни одговорија. А ние им рековме: ‘Тогаш веројатно сме сопатници во истата несреќа’.“

Колку и да звучи противречно, Одеса, и покрај војната, успеала да зачува дел од својата безгрижност. Кога навечер ќе попушти горештината, повторно се полнат кафулињата и баровите во старото градско јадро. Луѓето шетаат покрај раскошната зграда на операта, по Приморскиот булевар, сè до Потемкиновите скали.

Оттаму погледот се простира преку Црното Море до пристанишните постројки, кои се честа цел на руските напади.

Во Одеса, радоста на животот и заканата честопати ги делат само неколку стотици метри.


Опасноста сепак е реална

Дмитро Баринов, претседател на Украинското здружение на пристаништа, токму поради тоа го сака својот град. Им се восхитува на луѓето кои, и покрај војната, успеале да ги зачуваат оптимизмот и издржливоста.

Сепак, предупредува дека ситуацијата не смее да се потценува.

Многу туристи кои доаѓаат од Харкив или од други источни делови на земјата, единствено имаат можност да дојдат во Одеса. Градот е релативно лесно достапен. Така, децата барем можат да го видат морето.

„Да уживаат на сонцето и да отидат на плажа“, вели Баринов.

„За жал, луѓето често ја занемаруваат вистинската состојба. Имаме многу тажни примери во кои луѓе биле ранети или убиени во нападите. Тоа не би смеело да се случува.“