[ВИДЕО] Тревога во регион со 1.6 милиони жители! Се разбуди „огнениот ѕвер“ што во 1902 година усмртил 30.000 луѓе за само неколку минути

Точка

05/08/2026

09:01

1.027

Големина на фонт

а а а

Силната ерупција на вулканот Фуего во Гватемала доведе до евакуација на најмалку 1.700 луѓе од подрачјата во близина на кратерот и до прогласување на највисок степен на тревога во регионот изложен на вулканска пепел.

Фуего, што на шпански значи „оган“, се смета за најактивниот вулкан во Централна Америка. Се наоѓа во близина на главниот град на Гватемала, а во понеделникот наутро влезе во нова еруптивна фаза. Неговата активност дополнително се засили во текот на ноќта меѓу понеделник и вторник, при што реки од лава се слеваа по неговите падини, додека огромни столбови од гас и пепел се издигаа високо во небото.

„Вулканот поминува низ една од своите најкритични експлозивни фази“, исфрлајќи реки од кал, вжештени карпи, гас и пепел, објасни Едвин Рохас, директор на Институтот за вулканологија „Insivumeh“.

Националната агенција за координација при катастрофи „CONRED“ започна со евакуација на селата во близина на вулканот во понеделникот навечер и издаде портокалово предупредување на национално ниво.

Црвен степен на тревога

Во вторникот нивото на тревога беше подигнато на црвен степен за регионите Сакатепекез, Чималтенанго и Ескуинтла, каде што живеат околу 1,6 милиони луѓе.

Според извршната секретарка на „CONRED“, Клаудин Огалдес, околу 29.000 жители се директно изложени на вулканската пепел, поради што ги повика жителите на околните населби да носат заштитни маски и да ги покријат резервите со вода и храна. Според „CONRED“, досега се евакуирани повеќе од 1.700 лица.

Жителот Алехандро Гарсија бил евакуиран во понеделникот вечерта, веднаш по издавањето на предупредувањето.

„Истрчавме надвор“

„Истрчавме надвор, преплашени“, изјавил тој за „AFP“, откако видел како лавата се спушта по падините на вулканот.

Министерството за образование ја прекина наставата со физичко присуство во училиштата во трите најблиски градови.

Според експертите од „Insivumeh“, во понеделникот над кратерот се формирала лава-фонтана висока меѓу 200 и 300 метри, додека столбот од пепел достигнал височина од повеќе од 7.000 метри.

Распрснувајќи се на височини меѓу 5.000 и 6.000 метри, пепелта се пренесува и до 130 километри кон запад.

Гватемала се наоѓа на пацифичкиот „огнен прстен“ и е подрачје со изразена сеизмичка и вулканска активност. Во 2018 година, 215 лица загинаа, а околу 200 се водеа како исчезнати, откако лавините од лава уништија село на падините на овој импозантен вулкан висок 3.763 метри.

Најкатастрофалната ерупција на вулканот се случила во 1902 година, кога за само неколку минути загинале околу 30.000 луѓе.