Која е највисоката температура што човек може да ја издржи? Влажноста на воздухот е клучна, еве кога можат да настапат сериозни последици

Точка

02/08/2026

14:12

754

Големина на фонт

а а а

Екстремните горештини стануваат сè почести. Откријте која е границата на температурата на влажниот термометар што луѓето можат да ја издржат и како тоа влијае врз здравјето.

Со климатските промени што предизвикуваат пораст на температурите низ целиот свет, екстремните горештини стануваат сè почести – а со тоа и сè поголема закана за здравјето. Човечкото тело е издржливо, но има свои граници. Затоа, која е највисоката температура што човек може да ја издржи?

Температурата на влажниот термометар не е исто што и температурата на воздухот што ја гледате во временската прогноза, туку се мери со термометар обвиткан со влажна ткаенина, при што се земаат предвид и топлината и влажноста на воздухот. Влажноста е клучна, бидејќи колку повеќе вода има во воздухот, толку потешко испарува потта, а телото потешко се лади.

Ако влажноста е ниска, а температурата висока или обратно, температурата на влажниот термометар нема да достигне критични вредности, вели Колин Рејмонд, истражувач во Лабораторијата за млазен погон на НАСА. Но, кога и влажноста и температурата се високи, овој показател може да достигне опасни нивоа.


На пример, кога температурата на воздухот е 46,1 Целзиусов степен, а релативната влажност 30 проценти, температурата на влажниот термометар е само околу 30,5 степени. Но, ако температурата е 38,9 степени, а влажноста 77 проценти, температурата на влажниот термометар достигнува 35 Целзиусови степени, што е „опасна зона“ за луѓето.

Причината поради која луѓето не можат да преживеат комбинација од голема жештина и висока влажност е тоа што повеќе не можат да ја регулираат внатрешната телесна температура.

„Ако температурата на влажниот термометар ја надмине температурата на човечкото тело, околу 37 степени, човекот и понатаму може да се поти, но телото повеќе не може да се олади до нивото што е физиолошки неопходно“, вели Рејмонд.

Во тој момент телото станува хипертермично, со топлотен удар при внатрешна температура над 40 степени. Тоа може да доведе до забрзан пулс, збунетост, делириум, чешање на кожата, губење на свеста и кома.


Сепак, температурата на влажниот термометар од 35 Целзиусови степени не предизвикува смрт веднаш – потребни се околу три часа таквата жештина да биде фатална, вели Рејмонд. Не постои начин точно да се утврди времето, бидејќи не е етички луѓето да се изложуваат на такви услови во експерименти. Рејмонд проценува дека реалната граница е меѓу 34 и 36,5 Целзиусови степени.

Кој е во ризик од неподносливи температури?

Неколку места во историјата достигнале температура на влажниот термометар од 35 степени, но само накратко. Од крајот на 1980-тите, жаришта се долината на реката Инд во Пакистан и северна Индија, како и јужниот брег на Персискиот Залив. Градот Џејкобабад во Пакистан, познат како најтоплиот град во светот, забележал температура на влажниот термометар над 35 степени најмалку четири пати. Вредности над 32 степени се измерени во Ла Пас (Мексико), Порт Хедланд (Австралија) и Абу Даби (ОАЕ).

„Постојат места што веќе сега повремено ги доживуваат овие услови по еден или два часа. А со глобалното затоплување, тоа ќе биде сè почесто“, вели Рејмонд. Во следните 30 до 50 години, во најголем ризик се северозападно Мексико, северна Индија, Југоисточна Азија и Западна Африка.


„За жал, со климатските промени кои веќе се извесни, ќе продолжиме да се загреваме, дури и кога веднаш би престанале со емисиите на гасови со ефект на стаклена градина“, додава тој.

„Засилувач на болести“

Некои научници предупредуваат дека прагот од 35 Целзиусови степени на температурата на влажниот термометар е потценување на опасноста. Поуп Мозли од Државниот универзитет во Аризона истакнува дека таа бројка го претставува максимумот што млад и здрав човек може да го издржи во идеални услови. Во реалноста, возраста, физичката подготвеност, лековите и хроничните болести ја намалуваат толеранцијата.

Вежбањето и сонцето, на пример, можат да предизвикаат прегревање и при пониски температури. Постарите лица, луѓето со хормонални нарушувања, дебелина или оние што земаат антипсихотици се изложени на поголем ризик.


Мозли предупредува дека за време на топлотните бранови многу смртни случаи официјално не се евидентираат како „предизвикани од топлина“, бидејќи настануваат како последица на влошување на постојните болести, пренесува РТС. Топлината ги влошува хипертензијата, кардиоваскуларните проблеми, бубрежните заболувања и менталните нарушувања. Може да влијае и врз дијабетесот, астмата и деменцијата.

Затоа Мозли топлината ја нарекува „засилувач на болести“, фактор што придонесува многу други здравствени проблеми да станат поопасни. Вистинското влијание на топлината е многу пошироко, па многу луѓе можат да настрадаат и при значително пониски температури од официјалниот праг од 35 степени температура на влажниот термометар.