Николоски: Распределни 47 социјални станови во Дебар, грижата за ранливите категории семејства е приоритет на Владата

Макфакс

01/08/2026

14:00

162

Големина на фонт

а а а

Владата продолжува да ги поддржува ранливите категории граѓани преку распределба на 47 социјални станови во Дебар, со посебен акцент на семејствата во најголема потреба. Во тек се и други проекти за социјално домување и локална инфраструктура кои придонесуваат за подобар квалитет на живот.

Владата продолжува со политиките за обезбедување достоинствени услови за живот на граѓаните од ранливите категории. Денеска во Дебар беа распределени 47 социјални станови на семејства и лица кои имаат најголема потреба од институционална поддршка. На настанот присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, Марјан Стефановски, како и градоначалникот на Општина Дебар.

Вицепремиерот Николоски истакна дека распределбата на становите претставува уште еден доказ за посветеноста на Владата кон подобрување на условите за живот на најранливите категории граѓани.

„Навистина е убав момент кога гледаме 47 среќни семејства кои од денеска добиваат свој дом и можност за посигурна иднина. Станува збор за квалитетно изграден објект наменет за најранливите категории граѓани – деца без родители, корисници на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост и нивните семејства, како и самохрани родители со малолетни деца. Драго ми е што оваа политика продолжува и што денеска во Дебар можеме да видиме семејства кои ќе започнат ново животно поглавје во сопствен дом“, изјави Николоски.

Тој потсети дека Владата и Министерството за транспорт и во изминатиот период реализирале повеќе проекти за социјално домување низ државата.

„Досега се доделени 29 станови во Велес, 32 во Кочани, 21 во Струмица и 19 во Гевгелија. Во моментов се активни огласи за Пробиштип и Свети Николе, а во завршна фаза е изградбата на социјални згради во Бутел, Сарај и Прилеп, додека се планира и изградба на ваков објект во Штип. Со овие проекти решаваме едно од најважните животни прашања на голем број семејства“, нагласи Николоски.

Осврнувајќи се на развојот на Дебар, Николоски истакна дека Владата обезбедува силна поддршка и за локалната инфраструктура.

„Во Општина Дебар се реализираат 22 инфраструктурни проекти, кои значително ќе придонесат за подобар квалитет на живот и локален развој. Еден од нив е и булеварот кој ќе ја поврзе оваа станбена зграда. Ќе продолжиме да ја поддржуваме општината и да инвестираме во проекти што носат подобри услови за живот за сите граѓани“, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.