Откако силните бранови и морските струи го одвлекле далеку од брегот, од водата, како што вели, во последен момент го извлекле спасувачите, поради што решил јавно да ги предупреди сите кои ова лето летуваат на море.
Еден српски турист споделил драматично искуство што го доживеал за време на летувањето во грчкото Сарти, предупредувајќи дека морето може да стане смртоносно за само неколку моменти, дури и кога се чини дека условите се безбедни.
Неговата исповед ја објавила Фејсбук страницата „Грчка инфо“, со апел до сите туристи да не ги игнорираат предупредувањата на спасувачите и да не ги преценуваат своите пливачки способности.

„Здраво! Би сакал да го споделам моето искуство со вас, а и со останатите членови. Денес доживеав многу непријатна ситуација во Сарти и сакам да ги предупредам сите кои моментално се на одмор или допрва доаѓаат. Поради силните бранови, грчеви и моето недоволно искуство во пливањето, морето ме одвлече од брегот. Во еден момент повеќе не можев безбедно да се вратам“, ја започнал својата исповед Србининот.
Како што навел, пресудна била брзата реакција на спасувачите, кои веднаш забележале дека е во опасност и го извлекле од морето.
„Не можам доволно да им се заблагодарам за брзата и професионална реакција. Ве молам, не го потценувајте морето, дури и ако мислите дека сте добри пливачи. Кога има големи бранови и силни струи, не оддалечувајте се далеку од брегот и секогаш слушајте ги предупредувањата на спасувачите. Еден момент на невнимание може да биде доволен за да се најдете во многу опасна ситуација. Чувајте се себеси и вашите најблиски“, напишал тој во својот апел.

На крајот порачал дека се надева оти неговата приказна ќе натера некого да биде повнимателен и ќе спречи некој друг да го доживее она низ кое тој поминал, истакнувајќи дека со морето никогаш не треба да се игра.
Објавата предизвика бројни реакции кај членовите на групата, кои истакнале дека ваквите искуства се важно предупредување за сите туристи кои престојуваат на грчките плажи, особено во деновите кога брановите и морските струи се поизразени.
Експертите и спасувачите со години предупредуваат дека морето не смее да се потценува, без оглед на пливачкото искуство. Силните струи, брановите, заморот или грчевите можат за само неколку моменти да ги доведат во опасност дури и искусните пливачи.











