Жртви на топлотниот бран во Германија: Регистрирани речиси 10.000 смртни случаи

Макфакс

30/07/2026

15:20

195

Големина на фонт

а а а

Во Германија годинава се регистрирани околу 10.000 смртни случаи поврзани со високите температури, што е најголем број во последните години. Топлотните бранови претставуваат сериозна закана, особено за постарите лица, а јавните институции и опозицијата бараат подобра заштита и подготовка за идните топлотни бранови. Во Велика Британија исто така е забележан зголемен број на жртви од топлина.

Според податоците од Институтот „Роберт Кох“, оваа година во Германија се регистрирани речиси 10.000 смртни случаи поврзани со топлина. Во Велика Британија објавија дека 3.000 луѓе веќе починале.

Институтот „Роберт Кох“ (RKI) објави во својот неделен извештај дека 9.800 луѓе веќе починале во Германија оваа година поради високите температури од 19 јули, а овој број е поголем од податоците за истиот период во која било година од 2016 година.

Најголем број смртни случаи од топлина во последните десет години беше во 2018 година, со приближно 8.900 смртни случаи за целата година.

Според RKI, поголемиот дел од смртните случаи поврзани со топлина во 2026 година – повеќе од 5.000 – може да се припишат на топлите денови во втората половина на јуни, кога топлотниот бран донесе температури околу 40 степени Целзиусови во многу делови од Германија, објавува „Tageschau“.

РКИ проценува дека помеѓу почетокот на април и 12 јули 2026 година, имало 7.900 смртни случаи од топлина.

Во неделата од 13 до 19 јули, што е фокусот на оваа анализа, се случиле дополнителни 1.900 смртни случаи.

Како што е наведено, екстремната топлина е особено опасна за постарите лица.

Според податоците на РКИ, топлината многу ретко директно доведува до смрт, во повеќето случаи, комбинацијата од висока температура и постоечки состојби како што се кардиоваскуларни заболувања, белодробни или бубрежни заболувања доведува до фатален исход.

Опозицијата и општествените организации во Германија бараат поголема заштита од топлината, а екстремната топлина на крајот на јуни започна дебата за подобрена заштита од високи температури.

Повиците за зголемени инвестиции, особено од опозицијата во Бундестагот, се фокусираа на обезбедување на болниците, домовите за стари лица и градинките да можат да се оладат за време на идните топлотни бранови.

Според застапниците за грижа и медицинските експерти, многу установи не се соодветно подготвени за топлотни бранови.

Федералната влада укажа на одговорноста на покраините и општините.

Речиси 3.000 смртни случаи за два месеци во Британија

Бројот на смртни случаи поврзани со топлината во Велика Британија во текот на првите два месеци од овогодишните топлотни бранови беше речиси двојно поголем од вкупниот број регистрирани во текот на целата 2025 година, покажаа податоците на Агенцијата за безбедност на здравјето на Велика Британија (UKHSA).

Според проценките на UKHSA, 2.877 смртни случаи поврзани со топлината се регистрирани за време на два периода на екстремна топлина во мај и јуни, објави „Sky News“.

Во текот на целата 2024 година, регистрирани се 1.311 вакви случаи, додека во 2025 година, бројот изнесувал 1.504.

Од вкупниот број на проценети смртни случаи, околу 753 се поврзани со мајскиот топлотен бран од 24 до 27 мај, додека дополнителни 2.124 случаи се однесуваат на периодот на голема топлина од 21 до 28 јуни.