Велковски Рокас: демографските предизвици со кои се соочуваат Европа и Македонија во фокусот

Макфакс

29/07/2026

18:26

1.073

Големина на фонт

а а а

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, ја разгледаа заедничката соработка и демографските предизвици со кои се соочуваат Европа и Македонија, како и политиките за младите и унапредувањето на родовата еднаквост во контекст на европските интеграции.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска оствари средба со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Михалис Рокас, на која беше потврдена заедничката посветеност за продолжување на успешната соработка и реализација на проекти со поддршка на Европската Унија, кои носат конкретни придобивки за граѓаните.

Во фокусот на разговорите беа тековните и идните активности во областите што ги покрива Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и визијата, приоритетите и можностите за нивна понатамошна реализација со поддршка од Европската Унија.

Соговорниците се согласија дека успехот на секој проект и политика се мери преку нивното ефективно спроведување и нивното влијание врз граѓаните, односно доколку мерките навремено и ефикасно ги достигнат оние на кои им се наменети.

Посебен акцент на средбата беше ставен на демографските предизвици со кои се соочуваат Европа и Република Северна Македонија, како и на владините политики насочени кон подобрување на демографските трендови. Двете страни разговараа и за политиките за младите, нивното мотивирање да ја градат својата иднина во државата, како и за нивното активно вклучување во креирањето на јавните политики. Воедно, беше разговарано и за унапредувањето на родовата еднаквост, при што беше истакната важноста од креирање и спроведување политики што обезбедуваат еднакви можности, еднаков пристап до права и услуги и активно учество на жените и мажите во сите сфери на општеството.

На средбата беше разговарано и за подготовката на Законот за социјално домување и Законот за социјално претприемништво, кои се очекува наскоро да бидат донесени и да придонесат за понатамошно унапредување на системот на социјална заштита и социјалната инклузија.

Амбасадорот Рокас уште еднаш ја потврди силната поддршка на Европската Унија за евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија и ја истакна подготвеноста за продолжување на партнерството во спроведувањето на реформите.

На крајот од средбата, министерот Велковски и амбасадорот Рокас изразија задоволство од конструктивниот дијалог и ја потврдија заедничката определба за натамошно продлабочување на соработката, со цел успешна реализација на реформските процеси и политики што ќе придонесат за подобар квалитет на живот на граѓаните и за забрзување на европската интеграција на државата.