[ФОТО] Драматични сцени од регионот: Драва на историски минимум, се појавија и одамна потонати бродови

Точка

29/07/2026

20:48

549

Големина на фонт

а а а

Екстремните временски услови во целиот регион оставаат драматични последици врз водотеците. По соборените рекорди во јули, нивото на реката Драва се спушти на рекордни -186 сантиметри, а слична критична состојба е забележана и на Дунав.

Долготрајната суша, недостигот од врнежи и исклучително високите температури доведоа до невидени сцени во Хрватска, каде што водостојот на најголемите реки падна на најниско ниво откако постојат официјалните мерења.


Најдраматичниот пример е забележан кај Осиек, каде што водостојот на Драва се спушти на дури  -186 сантиметри. Снимките направени од воздух ги покажуваат размерите на оваа хидролошка криза – некогаш широкото речно корито сега е во голем дел пресушено, а покрај главниот тек се појавија големи песочни и чакалести наноси.



Колку всушност се повлекла реката најдобро покажуваат сцените покрај кејот во Осиек, каде што некои пловни објекти останале делумно насукани на сувото речно дно, a се појавиле и остатоци од одамна потонати бродови.



Загрижувачки е тоа што ова не е првпат летово Драва да урива негативни рекорди. Во средината на јули водостојот изнесуваше -174 сантиметри, што тогаш беше прогласено за историски минимум. Но, новиот пад од дополнителни 12 сантиметри покажува дека трендот на опаѓање се забрзува.

Експертите од „Хрватски води“ наведуваат дека екстремните појави стануваат сè почести и траат значително подолго. Главните причини се променетите климатски услови – во текот на зимата на Алпите повеќе не се акумулира доволно снег, чие топење во пролет и на почетокот на летото вообичаено ги полни речните текови, а истовремено изостануваат и позначајни сезонски врнежи.



Слична, речиси драматична состојба се одвива и на Дунав кај местото Батина. Таму водостојот падна на -115 сантиметри, со што претходниот негативен рекорд од 2022 година е надминат за речиси половина метар.


Според анализите на Европската опсерваторија за суша, состојбата во голем дел од Европа е критична. Експертите нагласуваат дека проблемот повеќе не е само во недостигот од врнежи, туку и во екстремно високите температури, кои значително го забрзуваат испарувањето на влагата од почвата и водните површини.



Дека ситуацијата наскоро нема да се подобри потврдуваат и временските прогнози за регионот. Пред нас е нов, исклучително силен топлотен бран со дневни температури што ќе надминуваат 40 Целзиусови степени, проследен со многу топли ноќи.


Постојаните горештини дополнително ќе го зголемат испарувањето, поради што експертите предупредуваат дека периодот на исклучително ниски водостои ќе продолжи и во наредниот период.