Зајкова бара од Владата одговорност за платата на Фетаи: ЛДП најавува институционална офанзива за случајот

Макфакс

30/07/2026

14:30

236

Големина на фонт

а а а

Моника Зајкова, претседателка на Либерално-демократската партија, бара од Владата да преземе одговорност за исплатата на плата на Арбен Фетаи, поранешен вицепремиер и сегашен специјален пратеник во Брисел. Таа инсистира на транспарентност и проверка на сите исплати, како и јасна одговорност за законските прекршувања и селективноста што ја забележа ЛДП.

Со цел институционална одговорност за случајот на екс-вицепремиерот Фетаи а сегашен „специјален пратеник“ на Владата во Брисел, претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, денеска премина во директна институционална акција и поднесе официјално пратенички прашања упатено директно до премиерот за сите исплатени денари и за одговорноста за селективната правда, велат од партијата.

Зајкова од премиерот бара итни писмени одговори и целосна транспарентност до денар за парите што му се исплатени на функционер кој, како што потсети, самиот јавно потврди, а Владата верификуваше, дека со месеци самоиницијативно не доаѓал на своето работно место.

Со пратеничкото прашање се бара точно да се дефинира бројот на денови на неоправдано отсуство, прецизниот износ на исплатената нето и бруто плата, придонесите, како и сите потрошени средства за репрезентација, службени патувања и дневници за него и за неговиот кабинет.

Суштинскиот фокус на барањето на ЛДП е ставен врз одговорноста за кршењето на законите и системската селективност“.

Зајкова во прашањето директно бара одговор дали некој понел одговорност за тоа што одобрил и потпишал исплата на плата за функционер кој јавно потврди дека со месеци не доаѓа на работа и што конкретно ќе преземе Владата за да гарантира дека законите ќе важат еднакво за сите вработени во јавниот и државниот сектор.

ЛДП инсистира Владата да достави и официјални архивски документи доколку воопшто постои решение со кое од Фетаи се бара да ги врати парите назад во буџетот.

ЛДП порачува дека нема да дозволи овој случај да заврши како уште еден заташкан политички пазар во кој за обичните граѓани и вработени важат ригорозни казни за секој минута доцнење, додека за функционерите што ги бојкотираат институциите се дели награда со дипломатска фотелја во Брисел.

„ЛДП ја продолжува бескомпромисната борба за заштита на народните пари и расчистување на скандалот со именувањето на Арбен Фетаи за специјален пратеник во Брисел“.