Стојаноски: Ребалансот на Буџетот обезбедува повеќе средства за локален развој, подобра инфраструктура и почиста животна средина

Макфакс

30/07/2026

12:50

153

Големина на фонт

а а а

Ребалансот на буџетот ја нагласува важноста на развојот на локалните заедници преку зголемени инвестиции во инфраструктура и заштита на животната средина, со важни финансиски средства насочени кон конкретни проекти што ја подобруваат квалитетот на животот на граѓаните.

Вториот клучен столб на Ребалансот е развојот на општините и инфраструктурата што секојдневно им е потребна на луѓето. Кога зборуваме за буџетски бројки, зад нив мора да видиме конкретни проекти: пат, мост, водовод, канализација, пречистителна станица, железничка линија, почиста животна средина, истакна на прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Затоа капиталните расходи со Ребалансот растат за 14,5 проценти и достигнуваат речиси 46 милијарди денари. Капиталните дотации до општините се зголемуваат за околу 1 милијарда и 683 милиони денари.

Министерството за животна средина добива дополнителни 2 милијарди и 412 милиони денари, што е зголемување од над 54 проценти. Ова е најголемото ресорско зголемување и јасен сигнал дека проектите за отпад, отпадни води, намалување на загадувањето и еколошка инфраструктура не остануваат само декларативна заложба.


Министерството за транспорт добива дополнителни 1 милијарда и 806 милиони денари. Во рамките на развојните проекти, средствата за железничката инфраструктура растат за околу 743 милиони денари, а за инфраструктурни проекти во општините за околу 665 милиони денари“.

Според него, средствата за живеалишта и развој на заедниците се зголемуваат за 1,1 милијарда денари.

Тоа значи, како што рече, повеќе простор за водоснабдување, комунална инфраструктура и подобри услови за живот во локалните средини.

„Ова е важна промена во пристапот.Централниот буџет не смее да биде само сметка од која се финансира администрацијата. Тој мора да биде двигател на локалниот развој. Секоја инвестиција на општините значи работа за домашните компании, ангажман за работниците, поголема економска активност и подобра услуга за граѓаните.

Добро изградената инфраструктура не е трошок. Таа е предуслов за нови инвестиции, побрз транспорт и повисок квалитет на живот. Ребалансот затоа не е список на апстрактни ставки. Тој е финансиска основа за проекти што треба да се видат на терен.

Нашата обврска е средствата да се реализираат навремено, транспарентно и со мерлив резултат. Граѓаните со право очекуваат секој денар да се претвори во конкретна вредност“.