Мартинез ја објасни ситуацијата: Не им свртевме грб на Шпанците, нашиот фокус беше на друго место

Дерби

28/07/2026

11:50

207

Големина на фонт

а а а

Аргентина четири години наназад гордо ја носеше титулата актуелен светски шампион, па иако го бранеше овој епитет до големото финале во Њу Џерси, на крајот „гаучосите“ беа оправдано поразени од Шпанија.

„Црвената фурија“ го украде светскиот престол од Аргентина и ќе важи за светски првак во наредните четири години, а ако втората светска титула донесе огромна радост на Пиринеите, сосема очекувано ваквиот исход донесе и разочарување и солзи во Јужна Америка.

Аргентинците во изминатава недела мораа да трпат и доста критики за грубата игра и дефанзивниот пристап во финалето, но покрај тоа што се обрна големо внимание и на тепачките кои следеа по финалето, „гаучосите“ беа посочени како лоши губитници и поради сцените од церемонијата.

Откако ги добија своите сребрени медали, Аргентинците отидоа кај своите навивачи и им свртеа грб на новите светски шампиони, а исклучок беше само Флако Лопез кој докрај го гледаше славјето на Шпанците.

Оваа сцена предизвика голем револт во Шпанија и се испратија серија напади на сметка на Аргентина, но Лисандро Мартинез смета дека тоа е целосно непотребно во ситуација кога фудбалерите имале само една логична намера, а тоа е да ги поздрават своите навивачи.

– По натпреварот, ние ги поздравивме шпанските фудбалери и испративме честитки до нивниот стручен штаб. Сликите на кои се гледа како сме свртени со грб кон нив се лошо прикажани. Свртевме грб на камерите само поради тоа што останавме да ги поздравиме своите навивачи. Моравме да одговориме на нивната песна. Ние покажавме почит кон нашите навивачи, а не непочит кон Шпанците како што некои луѓе сакаат да доловат, – изјави Лича.