Кинески научници спроведоа истражување со цел да утврдат дали постои поврзаност меѓу нездравата исхрана и нарушеното ментално здравје. Ова обемно истражување било спроведено на примерок од 5.281 студент во Пекинг. Студентите самостојно пријавувале симптоми на депресија и анксиозност.
Во обид да ја откријат причината, научниците утврдиле поврзаност меѓу депресијата и чајот со млеко. Бројни претходни истражувања, исто така, ја испитувале врската меѓу консумирањето нездрава храна и нарушеното ментално здравје, при што дошле до слични резултати – консумирањето чај со млеко било поврзано со поголем ризик од депресија.
Зошто чајот со млеко е поврзан со депресија?
Студијата наведува дека има малку докази оти чајот и неговите состојки директно предизвикуваат депресија или анксиозност. Таа се фокусирала исклучиво на зачестеноста на консумирањето чај со млеко кај луѓе кои чувствуваат симптоми на депресија и анксиозност.
Се покажало дека 77 отсто од испитаниците кои пиеле чај со млеко го консумирале најмалку меѓу шест и единаесет пати во текот на претходната година, а таа бројка понатаму се зголемувала.

Меѓу факторите што ги разгледувале научниците била и изразената осаменост кај младите. Тие укажале дека лицата кои се соочуваат со осаменост почесто развиваат зависнички однесувања. Тоа го прават поради недостиг на механизми за справување, како начин да избегаат од негативните емоции и тагата.
Со оглед на тоа што осаменоста е силен показател за менталното здравје, чајот со млеко им помага на луѓето привремено да се ослободат од негативните мисли и малку да се опуштат. Сепак, кога се претерува со неговото консумирање, во подоцнежна фаза на зависност може дополнително да ја влоши психичката состојба.

Кој е пијалакот што се поврзува со депресија?
Иако научниците не се фокусирале на конкретен вид чај со млеко, посебно внимание му посветиле на многу популарниот Боба чај, кој сè почесто се избира наместо кафе.
Боба чајот, познат и како чај со меурчиња (bubble tea), е ладен, засладен пијалак на база на чај кој содржи сварен чај, млеко и топчиња од тапиока. Како што објаснува „BBC“, потекнува од Тајван во текот на 1980-тите години и се служи со екстра широка сламка за да можат да се џвакаат топчињата додека се пие.







