[ВИДЕО] Драматични снимки од Шпанија: Шумските пожари се шират, евакуирани повеќе од 85.000 луѓе

Точка

25/07/2026

18:21

308

Големина на фонт

а а а

Шпанските власти и во саботата ја продолжуваат борбата со големите шумски пожари во околината на Мадрид и соседната провинција Авила, каде што поради силниот ветер состојбата и натаму е исклучително тешка, а околу 85.000 луѓе се евакуирани или привремено задржани во своите домови.

Пожарите, кои се сметаат за најголемата криза од ваков вид во Шпанија оваа година, ја поттикнаа владата да побара помош преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија. Во текот на саботата се очекува пристигнување на четири противпожарни авиони „Canadair“, два од Италија и два од Грција, откако помош веќе испратија Холандија и Португалија.

Поради опасноста од спојување на пожарите во регионот на Мадрид и соседна Авила, шпанската Единица за вонредни состојби (UME) воспостави единствен команден центар за координација на гаснењето.

Огнената стихија зафатила 20.000 хектари, објави јавниот сервис „TVE“. Премиерот Педро Санчез предупреди дека претстојат „комплицирани часови“ поради променливата насока на ветерот, нагласувајќи дека заштитата на населението е главен приоритет.

Тој додаде дека од почетокот на годината во Шпанија во пожари изгореле повеќе од 130.000 хектари, што е повеќекратно повеќе во споредба со истиот период лани. Во гаснењето учествуваат околу 3.000 припадници на итните служби, повеќе од 400 копнени возила и повеќе од 20 воздушни летала, со поддршка од полицијата, цивилната заштита и војската.

Пожарот се приближува кон областа Ел Ескоријал, западно од Мадрид, каде што пожарникарите воспоставија одбранбени линии за да ги заштитат населените места. Во кампот Монастерио де Пелајос изгореле околу 30 мобилни куќички, а евакуирани биле околу 200 кампери. Повредени нема.

Властите им препорачаа на жителите на регионот на Мадрид, поради густиот чад, да избегнуваат престој на отворено и физички активности, како и да носат заштитни маски доколку воздухот е загаден со чад или пепел.

Активни пожари има и во северните провинции Леон и Теруел, како и во јужната провинција Кордоба, каде што исто така се спроведени превентивни евакуации на населението.