Во централниот дел на островот Крф беснее шумски пожар, поради што се активирани противпожарни екипи со цел да го стават огнот под контрола пред да се прошири во населени места.
Во централниот дел на грчкиот остров Крф избувна шумски пожар, поради што локалната противпожарна служба прогласи тревага. Огнот зафатил подрачја во близина на Јанадес и Ливади Ропи, јавуваат грчките медиуми.
На терен веднаш биле распоредени силни противпожарни екипи, кои со помош на копнени и воздушни сили се обидуваат да го стават пожарот под контрола пред да се прошири.
Во акцијата учествуваат 18 пожарникари, припадници на 15-та специјализирана противпожарна единица, доброволци, четири противпожарни возила и два хеликоптери кои постојано исфрлаат вода врз жариштата.
Гаснењето дополнително го отежнуваат честите промени на правецот на ветерот, предизвикани од високите температури и силните термички струења во областа.
Во исто време, исклучително ниската влажност на воздухот создава поволни услови за понатамошно ширење на пожарот. Засега нема информации за загрозени населени места или повредени лица.







